Поплави во тетовско-гостиварскиот регион - куќи, дворови и штали под вода
Куќи, дворови, штали и помошни простории во тетовско-гостиварскиот регион се поплавени како последица од излевањето на Боговинска Река и реката Вардар.
Центарот за управување со кризи информира дека во тетовското село Радиовце се поплавени околу 50 куќи, дворови, штали и помошни простории, како и над 100 хектари обработлива површина засеана со пченица, пченка, луцерка и градинарски култури.
Од страна на локалната самоуправа се обезбедени 500 вреќи со песок кои се ставаат на критичните точки, а ангажиран е и еден багер. Во справувањето со поплавите е вклучено и локалното население. Одржан е состанок на кризниот штаб на кој е согледана состојбата и донесени се заклучоци за преземање на понатамошни мерки. Како причина за излевањето на реката се наведува стеснетото корито поради куќите кои се изградени покрај него.
Во гостиварскиот регион на територијата на општина Врапчиште зголемен е водостојот на Врапчишка река. Реката се излеала и нанела наноси од песок на дел од локалниот пат меѓу селата Галате и Врапчиште, но патот е прооден. Излевање има и во реонот на старата амбуланта каде има наноси од песок и отпаден материјал. Претставници од локалната самоуправа и градоначалникот ја следат состојбата и се преземаат мерки за санирање на речното корито на Врапчишка река.
ФОТО:Дневник