Скопје денеска прославува 69 години слобода!
Со голем број манифестации, Скопје денеска го одбележува Денот на ослободувањето.
Предвидено е таткото на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска да оствари средба со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија, по што делегација ќе положи цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на Градските гробишта „Бутел“.Потоа, пред Споменикот на ослободителите на Скопје, на платото пред Владата високи државни делегации, борците од НОВ, претставници од Армијата на Република Македонија, претставници на општините на Град Скопје, членови на други институции, како и официјалната делегација од Град Скопје ќе положат цвеќиња.
Во текот на денешниот ден ќе бидат организирани и хуманитарни организации. Од 10 до 18 часот во Даре Џамбаз во Скопје ќе се одржи традиционална крводарителска акција. Во рамки на акцијата, во знак на благодарност и поттик за понатамошна активност, Црвениот крст на Град Скопје ќе им додели награди и признанија на најуспешни поединци, фирми и институции кои покажале најдобри резултати во крводарување, унапредување и промоција на крводарителството во нашиот главен град.
Под мотото "Познатите сликаат", пејачи, актери, спортисти..ќе сликаат дела кои ќе бидат презентирани на повеќе изложби во Скопје и низ Македонија, а организатор на настанот е Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје.
Настаните за чествување на Денот на ослободување на Скопје - 13 Ноември ќе продолжат вечер во фоајето на Македонската опера и балет, каде ќе бидат изложени уметнички слики од меѓународната ликовна колонија „Скопје 2013“. Во 19:30 часот градоначалникот Трајановски ќе им ги врачи признанијата на добитниците на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје“ за 2013 година. Драган Мијалковски е награден во областа уметност, Љубиша Никодиновски во култура, а Даут Даути во областа наука и публицистика. Славка Арсовска во областа на образованието и воспитувањето, Миодраг Мицковиќ во областа спорт, а Сузана Пауновска и Миливоје Јанковски во хуманитарна активност. Од областа на стопанството, наградата ја добиваат Никола Ветаџокоски и Сојузот на стопански комори. Од областа на заштитата и унапредувањето на животната средина и природата наградени се сервисот за поправка на електрични производи-Раде Кончар и учениците и студенти-Филип Конески, Бисера Степановска и Моника Стојанова. Ќе се одржи гала концерт на Македонската опера со солисти од странство и од Република Македонија.
Во Музејот на Град Скопје утревечер ќе се одржи манифестацијата АСК - Архитектура Скопје, а на 20 ноември во библиотеката „Другарче“ ќе бидат изложени детски цртежи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа