Во недела започнува Скопскиот маратон
Скопскиот маратон годинава ќе се одржи во недела со почеток во 9 часот.
Денеска на прес-конференција за трката говореа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорот на трката, Кире Синадиновски, директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски.
-
И годинава, Град Скопје е покровител на една од најголемите спортски манифестации во земјава, а секоја година Скопскиот маратон е се поголем и поголем. Годинава пријавени се над 3 600 учесници од повеќе од 36 земји, од сите континенти, а со постигнувањето на добро време се исполнуваат и нормите за многу Европски спортски атлетски манифестации, како и за Олимписките игри, што го става нашиот маратон на листата на престижни спортски настани. Градот Скопје, секоја година ги зголемува финасиските средства што ги издвојува за оваа наша значајна Манифестација, па оттука се надевам дека и идната година Буџетот за одржување на Скопскиот маратон, Градот Скопје ќе одвои повеќе од годинава. На сите учесници на Скопскиот маратон им посакувам пријатен престој во градов и во земјава и се надевам дека ќе ги остварат посакуваните резултати, истакна градоначалникот Трајановски.
-Во моментов податоците за пријавените за Скопски маратон велат дека 200 учесници ќе ја трчаат маратонската трка, 600-тини се пријавени за полумаратон, над 3 000 лица ќе учествуваат во трката на 5 км и 600 деца од 5 и 6 одделение на Колгејт мини маратонот. Во Скопје пристигнаа 5 натпреварувачки од Кенија и неколку од Европа. Во машка конкуренција тројца Кенијци и тројца Унгарци, а во женска конкуренција за првото место ќе се борат две натпреварувачки од Кенија и две од Романија, една од Русија и една учесничка од Република Хрватска. Се најавија групи учесници коишто ќе трчаат организирано како екипи/тимови. Така огромни групи доаѓаат од Словенија, Србија, Полска, Америка и од други земји. Стартот на маратонот ќе биде во 9 часот на улица Димитрие Чуповски, во близина на популарниот Рекорд, а целта ќе биде на Плоштадот Македонија. Подигнувањето на стартните пакети, заинтересираните можат да го направат од денеска до 11-ти мај од двокатен панорамски автобус на ЈСП, избрендиран со реклама на Скопскиот маратон, којшто ќе биде поставен на Плоштад Македонија. Со оглед на временската прогноза, очекувам в недела да имаме посвежо време и подобри услови за трчање, па оттука можеме да се надеваме на рекорд на патеката и во машка и во женска конкуренција, рече Синадиновски.
На трката на 5 000 метри голем број компании и групи ќе трчаат во тим билдинг трката (екипно натпреварување), а голем број од учесниците ќе трчаат како дел од групата „Трчаме за подобар живот“. Во рамките на Скопскиот маратон Атлетската федерација на Македонија ќе го одржи Државното првенство во маратон.
-Како Агенција, ни претставува особено голема чест што учествуваме во организацијата на еден ваков спортски настан што гордо го носи атрибутот традиционален, посочи директорот Пујовски.