Стара македонска црква се криела под водите на Матка

 

 Нуркачите од спелеонуркачкиот клуб „Врело“ и од нуркачкиот клуб „Акватек“ од Скопје денеска во водите на езерото Матка најдоа остатоци од темели за кои се верува дека се од стара македонска црква.

Акцијата на нуркачите имаше за цел да ја истражи и документира структурата на дното на езерото, каде под просторот на денешното село Козарево пред неколку месеци беше пронајден влез за нова пештера, а во нејзина близина беа пронајдени ѕидови со цртежи кои се претпоставува дека се од стара Македонска црква.

- Пред да се изгради браната на езерото Матка, на овој простор постоел таканаречениот Пат на силата, кој бил најкраткиот пат до денешен Македонски брод, односно го спојувал северо-источниот со југо-западниот дел на Македонија. Меѓутоа со надоаѓањето на водата и издигнувањето на езерото и браната Матка сето она што постоело на овој предел било покриено со вода. Затоа нашата акција беше да ги лоцираме, истражиме и мапираме сите археолошки места, рече Киро Ангелески, претседател на клубот  „Врело“. 

Тој најави дека нуркачите ќе ја продолжат експедицијата и во следните денови, со цел да ги пронајдат бараните примероци кои понатаму би се предале на релевантни институции за понатамошно испитување и утврдување дали навистина станува збор за темели на црква и од кој период датираат тие.   

Оваа акција има и еколошка цел. Нуркачите успешно мапираа и локации на кои има отпад и таму беа пронајдени гуми од автомобили, метални буриња од платформи, делови од железни конструкции, стари потонати чамци, крупен пластичен отпад, како и друг ситен отпад кој со години се насобирал на самото дно.

10.11.2013 - 14:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа