Антикорупциска пресече: Нема конфликт на интереси кај Мијалков

Државната комисија за спречување корупција вели дека нема основа за проверка на бизнисите во Чешка, за кои важат други закони
 

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) нема да испитува дали постои конфликт на интереси за директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, кој има и приватен бизнис во Чешка.

Првиот човек на ДКСК, Ѓорги Сламков, за Плусинфо вели дека не постои основа да се постапува по Законот за спречување судир на интереси, образложувајќи дека фирмата на Мијалков е отворена во странство и подлежи на тамошните закони.

- Согласно Законот за спречување судир на интереси, не постои основа да се утврдува состојба на судир на интереси доколку избрано или именувано лице во Република Македонија има трговско друштво основано надвор од Република Македонија бидејќи трговското друштво е основано според правото на земјата во која е регистрирано седиштето и важат законите на домицилната држава, а не законите на Република Македонија – вели претседателот на ДКСК, Ѓорги Сламков, за Плусинфо.

Првиот човек на контраразузнавачите во Македонија, во вторникот ја извести ДКСК дека во февруари годинава станал сопственик на фирмата „Миртланис“ регистрирана во Република Чешка.

Мијалков во анкетниот лист не ја пријавил фирмата во рок до 30 дена, бидејќи како што образложува директорот на УБК во дописот до ДКСК, законот не го обврзува да пријавува промени чија вредност е помала од 20 просечни плати, a фирмата „Миртланис“ и уделот во друштвото е пренесен за 7.800 евра или 480.000 денари што не го надминува законскиот лимит.

„Законската обврска налага само износи над 20 просечни плати да се пријавуваат во предвидениот рок, а сумата е под предвидениот минимум“, пишува во образложението на Мијалков до Антикорупциска комисија.

Директорот на УБК ѝ укажува на Антикорупциска комисија дека во анкетниот лист кој е јавно објавен не се ажурирани податоците од страна на комисијата за продажбата на фирмата „Service point MM“ формирана 2003 пред неговото стапување на функција, за што Мијалков антикорупционерите ги известил во февруари 2011 година. Тој појаснува уште еднаш дека својот удел од 50 отсто од фирмата го продал на две лица, со што повеќе не поседува никаков сопственички удел во „Service point MM“.

Освен овие промени во анкетниот лист, Мијалков во дописот до ДКСК ја појаснува и грешката за вредноста на накитот која ја напишал. Како што објаснува тој, грешката ја направил кога сумата на семејниот накит и часовниците, како и уметничките слики од евра ја претворал во денари, и при тоа тврди дека направил технички пропуст со тоа што додал една нула повеќе.

08.11.2013 - 20:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа