ФОТО: Канческа-Милевска се сретна со генералниот директор на УНЕСКО

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска синоќа оствари работна средба со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова.

За време на средбата, се разговарало за добрата соработка и партнерскиот однос кој Република Македонија го негува со УНЕСКО.

Министерката за култура на средбата нагласи дека со поддршка на УНЕСКО, годинава Република Македонија беше домаќин на повеќе значајни меѓународни настани, меѓу кои и регионалниот состанок за обновување на поранешниот павилјон во Аушвиц, како и Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, а воедно и информираше дека  Македонија достојно ја одбележа и десетгодишнината од донесувањето на една од најважните Конвенции на УНЕСКО за зачувување на светското нематеријално културно наследство, со реализација на регионален настан. 

 

Министерката за култура на средбата го изрази своето уверување дека УНЕСКО ќе ги поддржи трите апликации за впишување во Репрезентативната листа за заштита на нематеријалното културно наследство што Република Македонија ги достави до оваа организација, а кои се однесуваат на:  „Гласоечкото пеење“ - машко двогласно пеење од Долни Полог; „Копачка“ - соборско оро од село Драмче, Делчевско; социјалните практики при прославувањето на празникот Четрсе (40 свети великомаченици) во Штип.

На крајот од средбата беше изразено уверување дека Република Македонија, како член на Извршниот одбор на УНЕСКО, и во иднина  доследно ќе се залага за натамошно развивање на УНЕСКО.

 

 

07.11.2013 - 11:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега