Матурантите одново ги пријавуваат испитите за државната матура- имаат можност да ги заменат предметите кои претходно ги пријавиле

 

 

Средношколците во завршна година кои до крајот на декември пријавија дека ќе полагаат државна матура, од  22 февруари до 5 март одново се пријавуваат во училиштата за да ги променат предметите што ќе ги полагаат, откако минатата недела беше постигнат компромис за измени на концепцијата за оваа генерација матуранти.

Согласно договорот помеѓу Владата и Средношколскиот сојуз, наместо три, ќе се полагаат два екстерни испита зашто третиот екстерен преминува во интерен, покрај другиот интерен што веќе постоеше во концептот, а останува и изработката на проектната задача.

Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Елизабета Наумовска за МИА изјави дека министерката за образование и  наука вчера ја потпишала изменетата  Концепција за државна матура која до понеделник ќе ја имаат и училиштата. Согласно со измените, ДИЦ ќе прати насоки за следните активности до сите институции надлежни за спроведување на матурата. Се очекува и објава на новиот календар за испитите. Со поместените рокови, првиот екстерен ќе се полага на 5 јуни, а вториот на 11 јуни 2021.

Новото пријавување/регистрирање важи само за 15 295 ученици кои до законскиот рок (31 декември 2020) се пријавија за државна матура, односно изменетата концепција не им овозможува премислување на оние ученици кои до крајот на минатата година пријавиле училишна матура или стручен испит.

Базата на податоци во ДИЦ ќе биде отворена од 1 до 8 март и во неа ќе бидат податоците на сите кандидати кои во законскиот рок се пријавиле, а секретарите на училишните матурски комисии потребно е само да ги променат предметите на кандидатите (доколку има промена). Потоа следува процес на верификација.

Првиот екстерен испит е задолжителен за сите матуранти – мајчин јазик  (македонски, албански јазик или турски) и литература. Вториот екстерен испит е изборен – матурантите во гимназиите и во средните стручни училишта може да избираат помеѓу математика и странски јазик (англиски, германски, француски или руски), а во уметничките училишта е овозможен избор  помеѓу странски јазик и естетика – за училишта за музичкко образование и помеѓу странски јазик и филозофија – за училишта за ликовно образование.

Двата интерни испита матурантите ќе ги избираат од Листата на наставни предмети која ДИЦ ја објави на својата веб-страница во Упатството за пополнување на пријавата. Листата содржи 14 предмети за гимназиското образование, седум за стручното и четири за уметничкото образоване.

Испитните програми по сите предмети што се опфатени со државната матура (екстерни и интерни) ќе бидат скратени што, покрај намалувањето на бројот на екстерни испити, беше второто барање на Средношколскиот сојуз, поради отежнатите услови во кои се одвива наставата од почетокот на епидемијата.

– Работни групи од Бирото за развој на образованието и од наставници кои ги препорача Средношколски сојуз веќе работат на кратење на ипитните програми. Во петокот ние, како Државен испитен центар, одржавме онлајн-состанок со сите директори на средни училишта и со секретарите на училишните матурски комисии. Им најавивме и кои се следните активности што треба да ги преземат, а од понеделникот се пуштени нови пријави за учениците, според договореното, рече Наумовска.

Повторното пријавување им овозможува на околу 15 300 матуранти да ги заменат предметите кои претходно ги пријавиле и да ги изберат оние што се соодветни за студиите што ги планираат и кои носат и повеќе поени при уписот на универзитет.

Наумовска во изјавата за МИА ги повика матурантите да ги разгледаат конкурсите на факултетите од минатите години (тековните излегуваат во јуни) за да видат кои се тие карактеристични предмети и согласно со тоа да ги изберат предметите на матурата. Потсети дека од оваа година листата на изборни е проширена и со предметите географија и информатика.

-Им даваме можност да се преиспитаат уште еднаш, можеби ќе сакаат да ги заменат. Карактеристичните предмети се соодветни за даден факултет и нив ги одредува самиот факултет. Ако се соодветни за некој факултет, и екстерните и интерните, ќе носат повеќе поени и ќе бидат повисоко рангирани. Со матурантите договоравме да им препорачаме на универзитетите, но не да биде налог, зашто тие си имаат  автономија, со повисок коефициент да се рангират екстерните испити – тоа значи соодветниот екстерен испит да носи максимум 12 поени, а ако е несоодветен за факултетот – да носи 9 поени. Од интерните испити – соодветниот да носи 6 поени, а несоодветниот 4 поени, а за проектната задача како и порано остануваат 4 поени. Во договор со учениците се направи поинаква распределба на поените – ексетрените испити се скоро двојно повеќе вреднувани од интерните испити, но, како и досега, од 100 можни поени, 40 повторно ќе носи матурата, а со 60 поени влегува успехот на учениците од средното образвание, појаснува Наумовска.

Иако се крати еден екстерен испит односно се трансформира во интерен, екстерните испити, нагласи таа, ќе бидат многу важни при селекција на факултет.

Согласно со договорот со матурантите, училиштата треба и најмалку три недели пред полагањето на интерните предмети, да истакнат базени на прашања, а најголем дел од училиштата тоа и досега го практикувале. Но базенот на прашања, вели директорката на ДИЦ, нема да ги содржи само оние што ќе се паднат на интерниот испит, туку тоа ќе бидат поголем број прашања и задачи. Од нив, училишните комисии за секој предмет ќе изберат за да ги подготват тестовите за интерните испити, а овие комисии исто така и ги оценуваат матурантите.

Роковите за полагањето на екстерните испити се поместени за една недела и наместо од 29 мај, сесијата ќе почне на 5 јуни со тестот по мајчин јазик (прв екстерен и задолжителен), а на 11 јуни ќе биде и испитот за вториот екстерен (изборен) предмет. Најпрво треба да ја положат проектната задача (од март до крајот на април) пред училишна комисија и онлајн, за што се утврдени протоколи.

Наумовска соопшти и дека денеска прв состанок ќе има формираната работна група од 15 членови, меѓу кои и тројца средношколци, што ќе ја подготвува новата концепција за државна матура за идната учебна година. Идејата е да има државна матура за гимназиско, за стручно и за уметничко образование затоа што според актуелната концепција сите ученици, генерално, имаат иста листа на изборни предмети.

Доколку постои усогласеност од сите засегнати страни, ќе биде прифатена како нова концепција за државна матура и директорката на ДИЦ очекува таа да почне да се применува за следната генерација матуранти.

Смета дека тоа ќе биде издржано решение кое ќе ги задоволи сите средношколци бидејќи, како што рече, и догодина може да има пандемија и тогашните матуранти, кои сега се трета година и исто така учат во КОВИД-услови, може да иницираат барања слични како од годинашните матуранти.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.02.2021 - 13:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега