Марјан Николовски: СДСМ Античка

Човек просто да не може да си дојде на себе. Оние што ја измислија наводната антиквизација и веќе пет години тврдат дека власта ја спроведува како државна политика, која патем нели беше причина за македонската изолација и блокада на евроатланските интеграции, сега застанаа во нејзина одбрана. Драма!

СДСМ јавно се изјасни дека нема да го поддржи предлогот на либералите (либерали, а бараат забрани?!?) и нема да гласа за забрана за употреба на шеснаесткркото сонце, симболот на Култеш, или Вергина. Како што објасни Игор Ивановски, тоа било симбол на Македонците, на Македонија… Значи дел од идентитетот! Симболот на античка Македонија е наш! Значи сите ние сме антички. Значи добор е! И заедно со ставот дека за СДСМ неприфатлива е географска одредница, послед пет години виткање кичма, сега сите сме барем во едно сигурни.  Имаме заедничка стратегија и конечно сме пред прагот на “националното единство”. Сега наредно е и практично да се покаже античкото чувство на социјалдемократите. Како што е ред, в понеделник на седница сите во маички. Напред апликација на сонцето од Вергина, назад “Вергина е наша, сите сме антички”.

Толку! Ни збор повеќе дека власта ја антиквизирала државната политика со погубна за Македонија стратегија.

Добро, има ли некој што точно знае што се случува на “Павелшатевска”?

Некои велат следувал итен вонреден конгрес на СДСМ, со една точка на дневен ред. Промена на партискиот симбол. Наместо нерасцветаната ружа и петокраката да се вцрта сјајната ѕвезда од Кутлиш. А, Валентина Стефановска реплика од Воинот, сосе коњот да подготви како замена за оној кинески рудар пред влезот на партискиот штаб. Редно е власта да го плати овој споменик. Не за друго, туку во знак на “националното единство”.

До конгресот, задолжително е сите делегати да пуштат бради. Не се исклучува можноста да се бира и нова партиска химна. “Не се шишам, не се бричам… на ВМРО да личам”. Така СДСМ ќе даде влог и во заштита на националната историја. Како гаранција за тоа ќе го отворела прашањето за рехабилитација на Тодор Александров, Борис Сарафов и остали дејци. Шекеринска со фута и традиционална егејска носија ќе го внесе револверот и камата, а сите во еден глас ќе викале “Слобода или смрт за Македонија”. Заев со качкет последен ќе дојавал на Букефал. Сега нема да има проблем и “Изгреј зора на слободата”, да стане државна хима. Лустрацијата ќе добие забрзан тек.

И…. така СДСМ ќе дојде на власт!!!. Бог да чува! И Стефан на фејзбук да благослови!!!

Марјан Николовски – Новинар за Денешен

05.11.2013 - 23:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега