Александар Даштевски избран за претседател на ДИК
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница со 9 гласа „за“ ја изгласа Предлог-одлуката за избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија.
За претседател на ДИК е предложен Александар Даштевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, а за потпретседател Дитмире Шеху од ДУИ, која и сега е потпретседател на Комисијата.
СДСМ ја даде поддршката на кандидатурите на Борис Кондарко и Радица Ристеска, актуелни членови на ДИК, како и на Оливер Ристовски, поранешен заменик министер за правда.
Втор член на ДИК со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде Бобан Стојаноски, правник во Собранието.
Алијанса на Албанците, која е во коалиција со Алтернатива ја поддржа кандидатурата на Кренар Лога, правник од Струга.
Старо-новиот состав на ДИК треба да биде изгласан на пленарната седница закажана за напладне, со двотретинско мнозинство.
Мандатот на актуелниот состав на ДИК завршува на 15-ти овој месец.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа