Самит на Обама за привлекување странски инвестиции во САД

Во САД се одржува голем дводневен инвестициски самит кој е организиран од страна на претседателот Обама со цел американската администрација да се обиде да убеди странски компании повеќе да инвестираат во САД. 

Истиот ќе го посетат 1200 учесници, колку што има и места и сите ќе платат по 400 долари за да се видат со Обама и некои високи функционери на САД. Најмногу бизнисмени ќе има од Кина Јапонија, Германија и Тајван. 

- Мотивацијата на самитот е да ги искористиме нашите силни точки, како што се ефтината енергија, одличната работна сила, владеењето на правото, инвестициите во развој и наука и слично. Но, воедно важно ни е странските компании да отворат добри работни места во Америка, изјави Пени Прицкер, секретарката за трговија на САД, во најава на самитот.

САД веќе се без конкуренција најголем примател на директни странски инвестиции во светот, со нешто под три трилиони долари годишно.

Но се смета дека добар дел од овие пари се приходи на американски компании, кои имаат свои претставништва во странство, во држави со пониски даноци, или користат држави како Швајцарија и Кипар за пренасочување на своите приходи.

Воедно, странските инвестиции во САД бележат драстичен пад минатата година, од скоро една третина. Една од причините за ова е неколкугодишната буџетска и должничка криза во САД, која на почетокот на октомври доведе и до блокада на централната Влада. Прицкер се надева дека на инвестицискиот самит ќе успее да покаже дека САД излегле од политичката криза.

31.10.2013 - 09:14

најчитано сега