Скопје го доби првиот центар за жртвите на семејно насилство

 

Во Скопје денеска беше отворен првиот Центар за жртвите на семејно насилство во кој ќе се нудат интегрирани услуги за психо-социјална поддршка на семејства во кои има конфликтни односи, се вршело или врши насилство. Со цел да се намали бројот на ваквите случаи, психолозите и педагозите кои ќе бидат вработени во овој Центар, покрај со жртвите, ќе работат и со сторителите на семејното насилство.

- Во центарот ќе работат седум лица, социјален работник и психотерапевти кои им помагаат на сторителите и жртвите на семејно насилство да ги надминат проблемите со кои се соочуваат и да се сочуваат семејствата, истакна на отворањето на центарот министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Долгорочно, смета тој, отворањето на ваков семеен центар има за цел да го подобри пристапот на граѓаните на град Скопје до психо-социјалните сервиси за семејно насилство, да се зголемат приоритетите за справување со семејното насилство, да се подигне јавната свест околу постоењето на семејното насилство преку поголема медиумска промоција, да се зајакнат капацитетите на жртвите и на сторителите на семејното насилство за ненасилна комуникација и ненасилно решавање на проблемите во семејствата...

Спасов побара поголема заложба и на останатите единици на локална самоуправа во справувањето на семејното насилство.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски смета дека отворањето на овој семеен центар е многу значајно бидејќи, како што рече, семејното насилство во современите општества станува голем проблем.

- Ова не е само приватен семеен проблем, туку станува сериозен општествен проблем во државите кој влијае и на економскиот развој на тие држави. Согласно на тоа и на своите програми, Град Скопје го вклучува овој семеен центар во своите програми, истакна Трајановски.

Корисници на центарот можат да бидат лица препратени од Центарот за социјална работа или Здружение на граѓани кои работат на семејно насилство, но и за сите што ќе почувствуваат дека во нивното семејство има ризик од насилство или биле жртва или сторител на насилство во семејството.

Семејниот центар ќе работи секој работен ден по четири часа, а услугите на континуирана психосоцијална поддршка и третман во семејниот центар ќе се нудат од обучените психолози, социјални работници и психотерапевти кои ќе работат во согласност со програмата и протоколите за работа во Центарот. Градот Скопје и во иднина ќе дава поддршка за отворање и унапредување на сервисите од ваков тип со цел ефективно и ефикасно дејствување за справување со семејното насилство.

Отворањето на центарот е заедничка активност на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување - Х.Е.Р.А. и Град Скопје. Се реализира во рамки на истоимениот проект,  дел од програмата CIVICA Mobilitas 2012, што ја спроведува Центарот за институционален развој, со финансиска поддршка од Швацарската агенција за развој и соработка. Отворањето на центарот е поддржано од Комерцијална банка

28.10.2013 - 14:33

најчитано сега