Насер Кељменди пуштен од притвор, па повторно уапсен

ЕУЛЕКС, мисијата на Европска унија на Косово, синоќа го уапсила Насер Кељменди, кој претходно бил пуштен од 48 часовното заддржување, откако во неделата на 5 мај првично го уапсила Полицијата на Косово.

Кељменди бил уапсен во вторникот вечерта врз основа на налог издаден од страна на обвинителот на ЕУЛЕКС од Канцеларијата на Специјалното обвинителство на Косово. Кељменди бил под истрага за кривични дела од организиран криминал. Акцијата на апсење е изведена во координација меѓу домашните и обвинителите на Еулекс.

Со ова „апсење“ е обезбедено предметот Клељменди директно да го преземе меѓународниот обвинител на Еулекс, кој ќе спроведе постапка за предавање пред косовските судови, во кои сигурно ќе има и Еулексови и косовски судии.

На овој начин е обезбедена можноста од директно вклучување на судии и обвинители на Еулекс во оваа постапка.

Со Уставот на Косово е регулирано државјанин на Косово да не може да се екстрадира на друга држава заради кривични дела извршени во оваа држава. Иако Косово, според мислење на правните стручњаци, ги има сите неопходни правни акти што го регулираат прашањето на екстрадицијата, заради непризнавањето  на Косово од Босна и Херцеговина и фактот да не постои спогодба за правна соработка меѓу БИХ и Косово се очекува во овој случај да се примени Европската конвенција за екстрадиција.

Уште никој официјално не може да потврди дали Кељменди има косовско државјанство, иако тој денеска на членовите на Одборот за заштита на човековите права и слободи, кои го посетиле во притворот, им кажал дека е државјанин на Косово.

Постапката на екстрадиција треба да се изведе пред косовските судови по барањето за екстрадиција кое, како што се очекува, БиХ ќе го достави преку Еулекс.

Последниот збор за екстрадицијата на Кељменди, по завршувањето на судските постапки, ќе треба да го има косовскиот министер за правда. 

ФОТО: Сител

најчитано сега