Арсовска-Томовска се обрати на вториот ден од Конференцијата за Е-влада

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска денеска имаше обраќање на вториот ден од Конференцијата за Е-влада.

„Зголемувањето на иновативното ниво е процес кој подразбира реформи во многу аспекти. За таа цел, Владата на Република Македонија системски пристапи кон јакнење на улогата и капацитетите на компаниите за примена и развој на иновациите. Минатата година ја донесовме и ја усвоивме Стратегијата за иновации на Република Македонија 2012-2020, и веќе цела година континуирано работиме на нејзиното спроведување во неколку клучни области, како што се: обезбедување на светска класа на човечки капитал во Македонија, преку квалитетни образовни програми, поставување на светски стандарди за истражување и развој во универзитетите и научните институции, поттикнување на иновациска култура, т.е поттикнување на бизнис секторот за иновирање и фокус на стратешките области за иновации во договор со бизнис секторот и создавање на регулаторно окружување за поддршка на иновациите.„, изјави пред присутните Арсовска-Томовска.

Со имплементирањето на мерките од Акцискиот план на оваа Стратегија се очекува да се зајакне конкурентноста на компаниите и да се поттикне економскиот развој: - „Со донесувањето на Законот за иновациска дејност, во мај оваа година воспоставивме и легислативна рамка за поттикнување на иновациите. Со овој закон, меѓу другото предвидовме и формирање на Фонд за иновации и технолошки развој, во кој се предвидени средства за техничка помош на компаниите.„- додаде Арсовска Томовска.

Исто така, заменик-министерката потенцираше и дека од вкупниот буџет потребен за реализација на стратегијата од 200 милиони евра, 40 милиони се предвидуваат за реализација на програма за рана фаза на start-up-и, преку грантови, менторирање и советодавни услуги, а дел од 40 милиони вредната програма за трансфер на технологии ќе подржува заеднички грантови помеѓу истражувачките институции и компаниите, а ја истакна и владината мерка за ангажирање на докажани странски експерти од различни области и дејности и користење на нивната ескпертиза во функција на потребите на компаниите во Република Македонија.

На вториот ден од Конференцијата за Е-влада,  обраќања имаа и министерката за иновации и јавна администрација на Република Албанија, Милена Харито, директорот на Агенцијата за електронски комункации, Роберт Орданоски и деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов.

25.10.2013 - 12:44
Фото: 
телефони.мк

најчитано сега