11-годишното дете од Охрид со церебрална парализа, не било искапено една година- оставено само дома со чаша млеко
Директорката на Центарот за социјални работи Охрид, Ајтен Мусли, тврди дека малечкиот Илче, единаесетгодишното дете кое синоќа на Детска Клиника по ургенции на министерот за здравство Венко Филипче беше хоспитализирано, не било искапено една година. На прашањето на ,,Слободен печат” дали смета дека институцијата што ја раководи успешно се справи со случајот на 11 годишното момче со церебрална парализа, напуштено од двајцата родители, незгрижено од никого, Мусли одговори негативно.
– Не се справивме успешно. Категорично не. А причината е во тоа што немаме домови. Сите врати на сите домови ни беа затворени. На родителите треба да им се одземе родителското право и за нив да следуваат кривични пријави. Колегите што вчера беа да го видат откако случајот излезе во јавноста, ми кажаа дека детето не било искапено една година. Нас ни пријавија дека мајката го напуштила Илче, а исто и таткото. Веднаш пријавивме во полиција и полицијата ја нашла во струшко село мајката и таа е вратена дома. Станува збор за лице со психички нарушувања. Во меѓувреме баравме домови да го сместиме Илче, но сите врати ни беа затворени, верувајте. Барав во кабинетот да притснат, зашто мојот глас никако не врвеше. Како може така да се остави дете со церебрална парализа им велев. Во меѓувреме им однесовме еднократна помош, дезинфекциски средства, пелени, но треба соодветно медицинско лице да се грижи во ваков случај. Јас лично се јавував во болници, за да го примат, но не сакаа, заради ковидот. Детето не било искапено една година, ниту мајката ниту никој дома не го сторил тоа и тоа го констатираа социјалните работници кои вчера попладнето отидоа во домот каде што живеат, изјави Мусли за ,,Слободен печат”.
Човекот што го чуваше, тврдеше дека не знае каква терапија прима, дека нема никаква терапија за малолетникот и дека со денови детето пие само една чаша млеко дневно.
Министерството за труд и социјална политика вети згрижување на детето во Демир Капија, но откако ќе биде опоравен и медицински згрижен на Клиниката за детски болести во Скопје.
Со возило на итната медицинска помош, од Охрид за Скопје синоќа Илче беше префрлен на Детската Клиника, а таму медицинска екипа му подготви соба во одделот за изолација, каде ќе биде сместен се додека не бидат готови резултатите од тестот за Ковид 19.
Од Клиниката за детски болести, за ,,Слободен печат” тврдат дека детето било примено со екстремна потхранетост, со контрактури, за медицинска проценка, иследување и третман. Виталните параметри се стабилни.
– Дежурниот тим на Детска клиника ќе направи се за на детето да му овозможи соодветен третман и лекување. Детето е добро и чекаме резултати од ковид. Најверојатно ќе биде тука некое време за да се опорави. Ноќта ја поминало добро и сите биле ангажирани околу него. Чекаме негативен тест за да го сместиме во одделение. Моментално е на ургентен. Бидејќи и порано се лекувал на клиниката, имаме цела историја на болеста и знаеме како да постапиме, велат од Детска Клиника.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа