Заев: Владата покажа сериозна подготвеност во справување со економските последици од коронавирусот
Владата покажа сериозна подготвеност во справување со економските последици предизвикани од коронавирусот, истакна во видео-обраќање претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Потсети дека во тек е реализацијата на третиот пакет економски мерки кој има за цел зајакнување на јавната и приватната потрошувачка и заживување на македонската економија.
-Концептот „Парите кај граѓаните“ дополнително се проширува. За првпат државата дава пари директно кај граѓаните со цел да ја зголеми куповната моќ и да ја стимулира приватната потрошувачка. На овој начин поддршката стигнува до сите оние на кои им е потребна. Невработените лица и примателите на социјална помош добиваат финансиска помош од 9.000 денари. Вработените со примања до 15.000 денари месечно и младите од 16 - 29 години добиваат финансиска помош од 3.000 денари. Ако спаѓате во некоја од наведените категории ве охрабрувам да ја посетите веб страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk за да се информирате за дали ви следува картичка, нејзиниот паричен износ и постапката на издавање, рече Заев во обраќањето.
Појасни дека граѓаните не треба да аплицираат за домашната платежна картичка и за истата нема да имаат никакви трошоци.
-Овие средства можете да ги искористите во угостителски објекти, продавници за храна и пијалаци, маркети и зелени пазари, аптеки, бутици и онлајн продавници. Со ова вие директно ѝ помагате на економијата, им помагате на вашите сограѓани кои работат и вработуваат други лица. Ова е само една од низата мерки за градење нова, развојна македонска економија, и стимулирање на заштита, промоција и раст на домашната економска понуда. Со брза и ефикасна трансформација, побрзо и полесно ќе се справиме со последиците и повторно ќе се вратиме на очекуваните стапки на раст на економијата, вели претседателот на СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа