Д-р Андоновска: Се манипулира со бројката на новоинфицирани на дневна основа
Состојбата со корона вирусот е алармантна. Наместо да покаже вистинска грижа за граѓаните, власта носи небулозни мерки од кои апсолутно никој нема корист, истакна на денешната прес-конференција доктор Марија Андоновска.
-Потребни се прави мерки во вистинско време, а не мерки без ефект, задоцнети или во погрешно време. Не само што нема соодветни мерки во вистинско време, воедно се манипулира со бројката на новозаболени на дневна основа, како и со тоа дека вирусот слабее и го имаат под контрола. Велеа дека имаме пик кога заболуваа по триесеттина луѓе дневно, а сега кога имаме три пати повеќе новозаболени на дневна основа, велат дека вирусот слабее. Филипче и Заев никако да се свестат дека приоритет треба да им биде здравјето на граѓаните. Во земјите од регионот Македонија стана прва вест! Да, прва вест и сите се чудат како вирусот стивна секаде само не и во Македонија, вели таа.
Андоновска посочи дека Филипче и Заев треба да дадат одговор, но не само тоа. Филипче и Заев треба да признаат пропуст, да се корегираат и да понесат одговорност.
Власта ги остави граѓаните сами во битката со корона вирусот. Но, граѓаните треба да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе биде нивниот глас, да се најде решение за нивните проблеми со кои се соочуваат! ВМРО-ДПМНЕ воедно дава максимална поддршка на целиот здравствен персонал од примарно, секундарно и терциерно здравство и силно апелира да се има слух за нивните реални потреби наметнати од ново настанатата ситуација. Приоритет за ВМРО-ДПМНЕ било, и ќе биде здравјето на граѓаните! Нема простор за политика, кога станува збор за здравјето на граѓаните, нагласи Андоновска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа