Шахпаска: Комисијата за заразни болести е составена од врвни професионалци, одлуките се за заштита на колективното здравје
Вирусот Ковид 19 е реална појава и затоа никој не смее да ја игнорира оваа закана, бидејќи на тој начин ја загрозува личната и колективната здравствена состојба. Секаде во светот се применуваат истите мерки за заштита на населението, како основна алатка за намалување на ширењето на заразата. Онаму каде има добри резултати, тоа е така затоа што се почитуваат мерките и препораките на здравствените власти, изјави Јагода Шахпаска од СДСМ.
„Почитувањето на заштитните мерки – носење на заштитна маска, одржување физичка дистанца, хигиена и дезинфекција остануваат единствениот начин, со кој може да се заштитиме како поединци и како општество.
Рестрикциите и повторно затворање се непожелни и може да ги избегнеме само со многу дисциплинирано однесување и прифаќање на новите правила на однесување. Ова се сериозни времиња, кога сите треба да се однесуваме одговорно, а не да шириме политканство и неосновани обвинувања.
Комисијата за заразни болести е составена од стручни и квалификувани професионалци во областа, со огромна доверба од граѓаните и секој неоснован и политички напад кон неа ја попречува нејзината работа.
Сите одлуки кои досега ги донесе оваа Комисија дадоа резултат затоа што беа епидемиолошки издржани, само и единствено во интерес на заштита на колективното здравје и ставање на епидемијата под контрола. Сите одлуки или препораки на Комисијата се темелат на претходна анализа на актуелната состојба.
Членовите на комисијата за заразни болести, пред сè се медицински лица, стручни медицински работници кои секојдневно го даваат својот максимум и покрај редовната прекумерна работа што ја имаат како лекари, епидемиолози, инфектолози во борбата со Ковид-19.
Политизирање на состојбата, ставање на кризата со вирусот, во каков било друг контекст, освен здравјето на граѓаните, нема да помогне, а нападот врз Комисијата за заразни болести и нивно етикетирање дополнително им го отежнува работењето. Тоа е неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и треба итно да престане“ заклучува Шахпаска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа