ГДУ спремна за избори, ама вели мора да се внимава на ширењето на вирусот

 

Граѓанско демократската унија (ГДУ) е спремна за избори бидејќи, како што вели, државата мора да има функционални и легитимни институции, но притоа мора да се внимава на новонастаната ситуација.

„Како одговорна партија сметаме дека сите политички чинители треба да бидат првенствено насочени кон она што ни се случува во моментов, но и како да ја опоравиме државата од економските последици кои ги предизвика корона вирусот. И притоа погрешна е стратегијата да се бара одговорност од граѓаните или прстот за критичните бројки да се вперува во нив дека се такви затоа што не ги почитувале препораките. Единствената вина е во институциите и политичарите, во кои граѓаните немаат доверба. Кога имаше помалку заболени на граѓаните им се сервираше дека ситуацијата е опасна и оти мора да седат дома. А сега кога од 60 до 80 случаи имаме секој ден се укинаа сите рестриктивни мерки и се убедуваат дека сѐ било под контрола. Па кој би поверувал во тоа, кога извештаите од Институтот за јавно здравје постојано го демантираат“, се наведува во соопштението од ГДУ.

Партијата со жалење констатира дека некои политички ликови никако не можат да излезат од своите партиски ровови. Одново и одново докажуваат дека личните, партиските и бизнис интересите им се пред сѐ.

„Повторно предупредуваме дека консензус мора да има за датумот за изборите, зашто сѐ поинаку би довело до нова политичка криза која ни е најмалку потребна сега“, се истакнува во партиското соопштение.

ГДУ ја поздрави и одлуката на претседателот Стево Пендаровски за продолжувањето на вонредната состојба.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.06.2020 - 12:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега