Кузеска: Со неодговорното однесување, Чулев го загрози јавното здравје
Со своето неодговорно и несериозно однесување за време на кризата со коронавирусот, Наќе Чулев го загрози јавното здравје и денес сите ги чувствуваме последиците од таквиот неодговорен однос, обвини Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Наместо да се стави во функција на почитување на мерките од страна на граѓаните и санкционирање на прекршувањата, додаде таа, на Чулев поважно му беше да го одбрани својот шеф Мицкоски за случајот со теретаната.
„Изјавата на Чулев дека граѓаните не треба да бидат казнувани заради непочитување на мерките и задолженијата придонесе за масовно непочитување на мерките од страна на граѓаните. Полицијата предводена од Чулев не презеде ништо ни кога се прекршуваа забраните за собири, кога масовно се прекршуваа забраните за движење. Покрај тоа и самиот Чулев организираше јавни собири без почитување на мерките, а на Денот на полицијата новинари и дипломати дури добија и чадна бомба во непосредна близина“, кажа Кузеска.
Денеска, додаде таа, за жал стигнува сметката за неказнувањето и неработата на Чулев, а таа се гледа преку бројот на заразени регистрирани денеска.
Според неа, затоа се потребни избори и нова Влада и Собрание со полн легитимитет од граѓаните.
„Изборите се решение за незрелото, неодговорно и несериозно однесување на Христијан Мицкоски и неговите кадри во техничката влада. На државата и се потребни институции со полн капацитет кои ефикасно ќе се справат со последиците од актуелната пандемија, но и ќе бидат подготвени за новиот бран кој по сите најави се очекува наесен“, кажа Кузеска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа