Неодбивањето на понудата изборите да се одржат на 5. јули од страна на Заев и Мицкоски, Ахмети ја смета за прифаќње
Неодбивањето на понудата на 5. јули да се одржат предвремените парламентарни избори од страна на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, партијата на Али Ахмети го толкува како прифаќање, односно дека тој датум би бил компромисното решение против кое не би имале ништо против ни двете најголеми македонски партии, дознава „Плусинфо“.
Двете партии вчера останаа на своите ставови, односно Зоран Заев бара брзи избори на 21 или 28 јуни, додека Христијан Мицкоски е за избори во август или во септември.
– Неодбивањето на 5 јули за изборен датум, читаме дека е прифатливо и за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ. И двете партии се свесни дека тоа е оптималниот датум за одржување на предвремените парламентарни избори, а прифатлив е и за светот. 5 јули е добар за избори бидејќи граѓаните сѐ уште не почнале со одморите, има време ДИК повторно да изврши прочистување на избирачкиот список, а и дотогаш има шест недели и се надеваме дека ќе се намали и бројот на новозаразени од ковид-19, бидејќи заболените се познати и се од одделни семејства, што значи вирусот е контролиран – вели висок функционер од ДУИ.
Од ДУИ велат дека за датумот за избори комуницираат на партиско ниво. Од таму сметаат дека датумот за избори Ахмети може телефонски да го договори со другите претседатели на партии, и дека нема потреба за средба со лидерите. Оттука повторуваат и дека, според нив, нема потреба ниту од лидерска средба кај шефот на државата Стево Пендаровски доколку лидерите меѓусебно го усогласат датумот за избори.
Позитивните сигнали дека ни СДСМ ни ВМРО-ДПМНЕ не би биле против 5 јули, ДУИ ги чита од вчерашните изјави на партиските претставници на двете македонски партии. Прво, велат ВМРО-ДПМНЕ изјавиле дека се против избори во јуни, но не споменале, односно не ја отфрлиле нивната понуда изборите да бидат на 5 јули.
Второ, како што велат од ДУИ, СДСМ во вчерашниот настап првпат не споменале дека изборите треба да се одржат на21 јуни. Токму ова за Ахмети е сигнал дека за сите партии 5 јули е можниот компромисен датум за изборите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа