Советничка група на ВМРО ДПМНЕ: Шилегов да каже кога повеќе ги лажеше скопјани за Треска?
Неуспехот за возобновување на езерото Треска е директен неуспех и последица на неспособноста на Петре Шилегов. Груба невистина е правдањето на Шилегов дека поради тоа што се пренесени надлежностите од градот Скопје на општината Сарај, тој не може да реагира и да ја спаси Треска, реагира советничката група на ВМРО-ДПМНЕ од Град Скопје.
Нивното соопштение го пренесуваме во целост:
Ако тоа е така зошто тогаш Петре Шилегов свесно ги донесе во заблуда Скопјани кога во својата програма вети „рехабилитација на езерото Треска“, кој го опишува за негов „стратешки приоритет“. Во неговата програма на страница 27, стои ветување „Излетнички центар назад кај граѓаните“. Шилегов „ветува со неговото враќање во надлежност на градот и со негова ревитализација, Скопје и скопјани добиваат излетничко место за одмор, култура, забава, за кампување и разладување во летните денови. Ревитализацијата на комплексот „Треска“ е истовремено и социјална и културна мерка“ стои во програмата на Шилегов.
Дополнително градот Скопје на почетокот на мандатот издвои 7 милиони денари за изработка на проект за ревитализација од кој по 3 години нема буквално ништо. Сега кога се поставува на маса ова неостварено ветување Шилегов вели дека тоа не е негова надлежност. Оттука го прашуваме Шилегов кога ги лажеше Скопјани повеќе, сега кога вели дека не е негова надлежност езеро Треска или пред три години кога во програма ветуваше враќање во живот на езеро Треска.
Ќе потсетиме дека и за дивите платформи на „Матка“ Шилегов ветуваше дека ќе се срушат, но откако се изградија тој се прогласи за ненадлежен.
Веројатно Шилегов се навикна да си дава вака евтини автоголови, адекватно на неговата евтина квазиреторика и политиканство, својствени за градоначалник политикант како што е Шилегов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа