Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на избори на 21 јуни, му посакувам среќа на Заев

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во Дневникот на Сител рече дека сѐ уште постои простор за дијалог за договор за изборниот датум, но дека доколку власта одлучи изборите да ги спроведе во јуни неговата партија нема да учествува.

Вели дека неговиот ривал, претседателот на СДСМ, Зоран Заев погрешно ги толкува изборните активности.

-Тој се повикува на т.н. Уредба со сила на Закон којашто ја донесе оваа техничка Влада. И таа Уредба со сила на Закон ние како ВМРО-ДПМНЕ ја дознавме неколку минути пред да биде ставена на дневен ред на владината седница. Јас тогаш интервенирав, имав телефонски разговор со Спасовски и Османи. Разговаравме за таа Уредба, за нејзиниот текст, особено за Член 5., првата реченица во која се вели дека изборните активности се сопираат и продолжуваат веднаш по укинувањето на вонредната состојба. А веќе во Член 6. се дообјаснува, кадешто се вели дек Државната изборна комисија е таа која што треба еден ден по завршувањето на вонредната состојба да изготви нов Роковник на одржување на изборните активности, вели Мицкоски, додавајќи дека ја предупредил власта ова во иднина ќе создаде политички проблем.

Појаснува дека техничкиот министер за внатрешни работи не гласал за оваа Уредба и затоа таа го нема кредибилетот на опозицијата.

Според Мицкоски, неопходно е прво да се одреди термин за одржување на изборите, а потоа да се бара правна рамка за да се дефинираат деталите. Вели дека потребни се уште лидерски средби за да се дојде до крајно решение, но дискусијата мора да се води според два принципи – здравјето на граѓаните и консензусот.

Во однос на предлог датумите на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели дека до крајот на август и почетокот на септември Македонија би имала доволно време за пандемијата со коронавирусот да се стави под контрола.

-Да, таа ќе биде присутна кај нас, но ќе биде присутна на едно прифатливо ниво кадешто ние нема на дневна основа да ги броиме луѓето коишто ќе го загубат животот и оние коишто ќе се инфицираат. А, истовреме во тој период ќе дозволиме Комисијата за заразни болести да изготви протоколи кои што ќе значат заштита на учесниците во овој изборен процес, рече Мицкоски.

Вели дека мора да постои простор на транзиција пред да почне кампањата и претставниците на политичките партии да почнат од одат од врата на врата.

-Ајде, еве ќе влеземе во една таква авантура и ќе водиме кампањата, како што тоа го бара ова раководство на СДСМ, предводено од Зоран Заев. Ќе инфицираме нови стотици, можеби илјадници луѓе кои што ќе бидат жртви на таа кампања. Неколку десетици ќе ги загубат животите. Не би сакал да бидам некролифичар, можеби тоа ќе влијае и на некои од учесниците во самата кампања и потоа на кого ние ќе бидеме Влада? Со каков легитимитет, со каков морал ние ќе бидеме Влада кога не сме успеале елементарно да ги зачуваме животите и здравјето на граѓаните, рече Мицкоски.

19.05.2020 - 19:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега