Шекеринска – посакуваме консензус за изборите, Николовски – избори на 21 јуни нема да има
Ако има таков експерт што може да каже дека во август ќе нема заболени од коронавирусот, јас ќе бидам првата што ќе рече да има одлагање и изборите да се одржат тогаш, рече вечерва потретседателката на СДСМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
Шекеринска во Отвореното студио на Телевизија 24, каде дебатира со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, нагласи дека СДСМ посакува да биде постигнат консензус, како и дека во однос на тоа со ВМРО-ДПМНЕ не се исти.
Според неа, изборите не се прашање на избор, туку неопходност. Ни треба, потенцира, целосно функционална држава која ќе се справува не само со епидимејата која според СЗО нема да запре ниту во декември, туку и со економската и финансиска криза.
Државата, дополни, во моментов е без Собрание и без одлуки кои само тоа може да ги донесе.
-Секое одлагање на изборите ќе не доведат до ситуација да се справуваме со неколку типови кризи. Страв ми е дека ставот ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната лидерска средба беше страв со цел агонијата да продолжи да се справуваме и со здравствена и со финансиска и економска криза, а притоа да не можеме да одиме на две нозе. Во секоја нормална ситуација, опозицијата би сакала час поскоро да го прекине таквиот сооднос во кој Владата нема демократска контрола од Собранието. Изборите навистина се неопходни зашто ни треба целосно функционална држава која ќе се справува со епидемијата која нема да запре ниту во декември, според СЗО. Не сметаме дека е добро ваквата ситуација да продолжи бесконечно и затоа, тој обид да се бега од избори, да се бега и од договор на лидерски средби кои сами ги бараше, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ не е одговорна кон граѓаните и државата, рече Шекеринска.
Нашиот став е, подвлече, како и секојпат до сега – посакуваме консензус по ова прашање.
-Ние имавме консензус, во моментов имаме одлука на Собранието да се распушти, имавме одлука за избори и имаме одлука на Влада изборните дејства да се стават во мирување. Никој не посакува оваа сотојба на половично функционални институции да продолжи. Не е најстрашно одлагањето на изборите, но функционираме со Влада, без Собрание и без одлуки кои само тоа може да ги донесе. Во 2008 година, не само што немаше консензус, туку ВМРО-ДПМНЕ не ги ни свика партиите да се зборува за избори, во 2011-та немаше консензус, немаше лидерски, немаше дури ни обиди да се постигне консензус. Исто беше и во 2008 и во 2011 и во 2014-та. Ние покажавме дека сакаме поинаку и бевме отворени, потенцира Шекеринска.
На прашањето зошто изборите не би можеле да се одржат подоцна од јуни, Шекреинска рече дека во оваа тешка криза, она што граѓаните го имаат, е довербата во начинот на кој се менаџира ситуацијата.
-Првпат имаме огромно мнозинство на граѓани кои велат – имаме доверба, зашто оваа Влада не играше ситна политика, туку ги слуша експертите, посочи Шекеринска.
Николовски рече дека избори на 21 јуни нема да има иако претходно во текот на дебата и посака среќа на СДСМ доколку евентуално изборите бидат закажани во јуни. Според него, СДСМ се обидува на сметка на здравјето на граѓаните да ќари помала разлика иако знае дека ќе изгуби. Со брзањето за датумот, напомена, граѓаните не ќе може да ги видат партиските програми, а и голема е извесноста излезноста поради стравот од коронавирусот да биде многу мала.
-Ние сме за избори утре, но ако нема бројки на заболени како сегашните. Нашите предлози се 23 и 30 август и 13 септември, возможно беше и 6 септември, но отпадна поради националниот празник кога можеби ќе има продолжен викенд. Не гледам зошто е проблем изборите да се поместат за месец и пол, два. Според сите студии, во текот на летото вирусот ќе ослабе, затоа тоа е идеален период за избори. Ни требаат кредибилни и фер избори, како и легитмна влада изгласана од мнозинството граѓани, рече Николовски.
Тој го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека со брзањето за избори граѓаните не ќе може да ги видат партиските програми, а и излегувањето на гласање ќе значи ризик за нивното здравје поради што три пати ќе размислат дали да излезат.
-Изборите мора да се со целосна заштита на граѓаните што во моментов не го гледаме, со гаранција дека нема да имаме заболени и мртви поради гласањето и кампањата, со доволна информираност на граѓаните и голема парципитативност, напомена Николовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа