Измените на Законот за работни односи го поминаа првото читање

Во Собранието денеска продолжи 74. седница на која пратениците расправаа и за измените на Законот за работни односи. Пратениците решија овој закон со кој се продолжува рокот од три на 18 месеци во кој работодавачот ќе може да му даде отказ на работникот доколку тој направил некаков прекршок на работното место, да помине во понатамошно читање.

- Причината за менување на оваа одредба е тоа што праксата покажа дека наведените рокови за застареност се кратки и се наметна потребата од зголемување на роковите, појасни Мирјана Алексовска од Министерството за труд и социјална политика.

Опозицијата смета дека со овој Закон му се дава слобода на работодавачот да го отпушти работникот кога сака.

- Нема да поддржиме ваква одредба со која се кратат работничките права. Доколку некоја работничка направи некаква грешка според прописите, треба да се плаши дека работодавачот ќе и врши притисок 18 месеци и ќе и се заканува со престанок на работното место. Овие рокови се несоодветни и предолги, посочи Иванова од СДСМ.

Радмила Шекеринска побара информација какво е мислењето на синдикатите и врз основа на какви анализи е направена предложената измена во законот.

 

22.10.2013 - 15:06

најчитано сега