Јанушев: За само еден ручек за тројца од влада Заеви ќе потрошат над 17.000 денари
Владата троши илјадници евра пари на граѓаните во ек на корона кризата за купување на скап алкохол, сортни вина, виски и водка, додека во исто време бара донации за респиратори. Заев, преку Нина Ангеловска даде налог да се бркаат луѓе од работа, илјадници ќе останат без леб, затоа што Заеви го испразнија буџетот и направија буџетска дупка од 1.3 милијарди евра, за народот нема, ама за алкохол и морска храна за функционерите на СДСМ мора да има, обвинува генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
-Додека луѓе се заразуваат и умираат од корона, додека добар дел од луѓето немаат леб да јадат, во владата ќе се пијат барикни вина, чија малопродажна цена достигнува неколку илјади денари, а владата на Заев и СДСМ ќе набави 80 шишиња вакво вино. Само за едно шише вакво вино, Заеви ќе дадат околу 1/4 од минималната плата на еден македонски работник. Ова е забегано. Луѓето на Заев, Спасовски, Шекеринска и Филипче ќе пијат и Каберне Совињон, Мерло, Мускатни и други вина и внимавајте, октопод пијаната Влада ќе набави, ни помалку, ни повеќе – над 1900 шишиња од овие вина. И додека лекарите се заразуваат затоа што немаат заштитна опрема, додека некое семејство од Демир Хисар, Кратово или Валандово нема пари за леб, Заеви ќе јадат бранцин, чија цена во рестораните за 1 килограм е над 4.000 денари и ќе пијат барикно вино од неколку илјади денари. За само еден ручек Заеви ќе трошат 5.500 денари или за јадење за тројца околу 17.000 денари, што е многу повеќе отколку што една конфекциска работничка што може да заработи за цел месец, рече тој.
Јанушев потенцира дека една порција за функционерите на власта е цела плата за работливиот народ. Некој го трга секој денар за да обезбеди леб, а функционерите на владата се расфрлаат на големо.
-На оваа аздисаност мора да и дојде крај. Бараме итно запирање на луксузните набавки и пренамена на парите за купување на заштитна опрема и дезинфициенси. Наместо на луксуз парите да се трошат за граѓаните, за закрепнување на економијата, за земјоделието и здравството, истакна Јанушев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа