Јанушев: Додека граѓаните немаат за леб и сол, СДСМ со народни пари купува школки, шкампи и морска риба
Додека народот нема за леб и сол, владата на СДСМ купува школки, октоподи и морска риба, истакна денеска на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
-Ова е извадок од веб-страната на Бирото за јавни набавки од која се гледаат трите договори со кои Владата, преку СОЗР, на 07.04.2020 година купила стотина килограми школки, ракови, лигњи и октоподи и сето ова се прави во период додека медицинските лица немаат заштитна опрема, луѓе се заразуваат и умираат од корона, додека се кратат плати на работниците, а голем дел остануваат без работа. Наместо да се набават нови респиратори, заштина опрема или да им се подели бонус на лекарите и медицинските работници, власта се гости со народни пари.Народот се организира и шие маски, капи и каљачи за лекарите, затоа што владата наместо да купи заштитна опрема, парите ги потрошила за гозба, рече Јанушев.
Според него, доколку власта купела заштитна опрема за лекарите и медицинските работници немаше над 200 од заразените да бидат здравствени лица .
-Наместо да склучеа договор за набавка на 365 килограми свежа пастрмка, 200 килограми крап, бранцин и лосос, 400 килограми ослиќ, шкампи, лигњи, школки и ракчиња, да купеа заштитна опрема и дезинфициенси немаше да бидеме на врвот на смртност во регионот и да имаме повеќе мртви на милион жители од Албанија, Бугарија и Грција заедно. Работниците остануваат без работа, земјоделците се без откуп, економијата тоне и наместо помош за сите нив, владата ги фрла последните пари за морска риба. Срамота, вели Јанушев.
Според него, ова е класична злоупотреба и за ова одговорност мора да има.
-Бараме под итно да запре безредието со трошењето на народните пари. Во ек на криза, во ек на пандемија не смее да се троши на луксуз и гозби. Потребно е итно запирање на сите тендери кои значат набавка на непотребни работи. Во овие моменти народот од власта очекува скромност, а не раскалашеност и аздисаност. Веднаш да се раскине договорот и парите да се пренаменат за купување на заштитна опрема за медицинскиот персонал. Ова е само еден од низата примери на луксузирање додека народот гладува. Деновиве ќе обелодениме и други скандалозни набавки. Напоменувам – сите вакви договори, со кои се манифестира луксуз во ек на пандемија ќе бидат предмет на ревизија за многу брзо од сега и сите кои сториле криминал ќе одговараат, рече Јанушев.
Јанушев: Додека граѓаните немаат за леб и сол, СДСМ со народни пари купува школки, шкампи и морска риба
Posted by Press24 Fun on Sunday, 3 May 2020
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа