ДОМ: Македонскиот јазик е историски факт и сегашна реалност

 

Условувањето на евроинтеграциските процеси на Р.С. Македонија со именување на македонскиот јазик како официјален јазик на Р.С. Македонија и откажување на Македонија од македонското малцинство во Бугарија, го нарушува Договорот за пријателство и добрососедство и понатамошното зацврстување на меѓусебното пријателство, велат од ДОМ.

„Македонскиот јазик е историски факт и сегашна реалност. Од 1944 година македонскиот јазик е службен јазик во Македонија, а една година подоцна е кодифициран. Тој е меѓународно признат и се изучува на повеќе странски универзитети. Македонскиот јазик е прифатен и од Република Бугарија во Договорот за добрососедство и пријателство, како „македонски јазик согласно Уставот на Р.С. Македонија“. Оттука, барањето наместо терминот македонски јазик да се користи изразот “официјален јазик на Р.С.Македонија”, не е во духот на пријателството и добрососедството и го нарушува Договорот“, соопштуваат од ДОМ.

„Прашањето на граѓаните кои живеат во Република Бугарија и се идентификуваат како Македонци треба да се решава согласно меѓународните конвенции за човекови и малцински права.

Зелената партија ДОМ длабоко верува дека сите прашања од интерес на двете соседни и пријателски земји, Р.С. Македонија и Република Бугарија, може да се разрешат со взаемна доверба и дијалог, со почитување на Договорот за пријателство и добрососедство.

ДОМ не се согласува со изнесеното мислење на Денко Малески дека Македонците и Бугарите биле ист, бугарски народ, а македонскиот револуционер, Гоце Делчев и македонскиот преродбеник, Крсте Петков Мисирков, етнички Бугари. Иако со Република Бугарија споделуваме некои историски настани и личности, македонскиот народ има свој посебен идентитет, а Гоце Делчев, Крсте Петков Мисирков и многу други револуционери и дејци кои се бореле за самостојна Македонија, се национални херои на македонскиот народ“, се вели во соопштението на ДОМ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.05.2020 - 12:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега