Груевски: Во Македонија нема потреба учениците да се вратат во училиштата до 10. јуни и онака сите ќе бидат со петки
Со честитка за Први мај, Денот на трудот, осврт на состојбата со коронавирусот во Македонија и Европа, како и телеграма од Ќосето, поранешниот премиер Никола Груевски се обрати до јавноста преку „Фејсбук“.
Статусот ви го пренесуваме во целост.
„1. Честит Први Мај, денот на трудот, денот на работниците. Започна во мај во Чикаго во 1886 година, преку протести за да се издејствува осум часовно работно време, настан кој заврши со многу крв, убиства и смртни казни.
Денес како ден кога се потсетува на барањата за подобри услови за работа, но и пошироко во контекст на човековите права.
2. Во повеќе држави во Европа во мај учениците ќе се вратат во училиштата макар и на две-три недели. Меѓу останатото и за посоодветно да се заврши процесот на завршната оценка на знаењето.
За миг помислив зошто во Македонија нема да се вратат во училиштата како во многу европски земји.
Во следниот миг, заклучив дека нема потреба да се ризикува. И онака сите ќе бидат со сите петки.
3. ТЕЛЕГРАМА НА АНДОН ЈАНЕВ ЌОСЕТО.
Потсетување.
Телеграмата била упатена до Претседателот на владата во Македонија.
Во телеграмата Ќосето пишува:
„ Јас като боен другар (другар од борбата), на Гоце Делчев и Јане Сандански, поздрављавам вашиот исторически говор на Вториот конгрес на Н.Р. (Народната Република) којшто ми вдахна надеж дека ќе се исполнат скоро(наскоро) идеалите, па НАШИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД да живее еден пат винаги (засекогаш) под еден покрив “
На крај стои и потписот: Андон Ќосето
Телеграмата е од 1948 година, испратена лично од Андон Јанев Ќосето (роден 1855, починат на 10 септември 1954).
Тој тогаш живеел во Благоевград, имал 93 години. Телеграмата ја испраќа дури 18 години откако своите спомени во три дена усно му ги прераскажувал на бугарскиот новинар Бојан Мирчев во 1930 година, но целосно се објавени дури во 2003 година во Бугарија.
Во контекст на актуелните јавни дебати за наводниот бугарски карактер на Македонците, во моментот кога се чинел многу блиску моментот Пиринска Македонија наместо во Бугарија, да се присоедини кон Вардарска Македонија, која тогаш како Народна Република Македонија е дел од СФР Југославија, тој во телеграмата потенцира: “…НАШИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД да живее еднаш засекогаш под еден заеднички покрив “.
Ќосето е еден од ретките македонски револуционери кој живеел многу долго и дочекал длабока старост. Живеел дури 99 години, бил дел од првата генерација на (В)МРО предводена од Гоце, Даме, Јане, Татарчев и другите херои и предводници, го спасувал од заседа Сарафов и го спроведувал. Иако демобилизиран во 1905 година поради внатрешни разидувања, тој подоцна е современик на балканските војни, на првата светска војна, на ВМРО предводено од Тодор Александров, ВМРО предводено од Ванчо Михајлов, современик е и на расформирањето и прогонот на ВМРО од страна на владата во Бугарија, на втората светска војна и на првите години од комунистичкиот режим. Искусен, учествувал, видел и чул се во тој период, за некаде при самиот крај, шест години пред смртта, да ја испрати оваа телеграма.
Ќосето бил многу близок соработник, соборец и човек од највисока доверба на Гоце Делчев, Др. Христо Татарчев, Дамјан Груев, Јане Сандански (учествувал во аферата Мис Стоун) и други кои никогаш не ги изневерил. Две години по демобилизацијата бугарските власти го затвориле и бил во затвор 11 месеци. Бил ослободен со помош на Сандански кој издејствувал преку младотурците.
Во неговите спомени за Гоце Делчев меѓу другото кажал (стр 124): “Делчев со еден-два збора расположуваше. Кој го знаеше и кој не го знаеше, го почитуваше. Сите чети кои ги имаше тогаш, легални, илегални, сите му беа нему потчинети. Кај него никогаш немаше груба забелешка, да каже груб збор или, пак, да е намуртен. Секогаш беше весел. Тој расположуваше. Беше многу доверлив…Откако загина во Серско, реално организацијата не умре, но таа не беше така подредена и не можеше да се подготви како во неговото време… Некои од неговите стари другари кои останаа, кои го знаеја, се држеа, се мачеа, но не беше оној дух кој го имаше во неговото време…
…кај него имаше чесност. Мене ми е тешко, за секој паднат другар. Но, како нас, може да се родат десетици, стотици. Но Македонија едвај ќе роди втор Делчев…Селаните и граѓаните, кога ќе слушнеа дека доаѓа Гоце Делчев, паѓаа во состојба како Господ да се симнал од небото”.
За себе Ќосето ќе каже(стр.104): “Кога ќе паднеше некој другар, во наредните три дена не можев да јадам леб…”
Ќосето најчесто бил задолжен за исполнување на смртните пресуди донесени од раководството на Македонската револуционерна организација и егзекутирал легитимни цели на организацијата, меѓу кои османлиски војници и жандармерија, но и бегови кои го малтретирале и пљачкосувале македонското население, како и гркомани, србомани, предавници и шпиони.
Подоцна Ќосето станал и војвода и имал своја чета. Имал непомирлива борба со балканските пропаганди. Се борел за слобода на Македонија и за создавање на автономна и независна Македонија.
Во периодот кога ја испраќа телеграмата, поради тоа што Бугарија била поразена страна во Втората светска војна, бугарскиот претседател од македонско потекло Георги Димитров, сакал да дозволи Пиринска Македонија да се присоедини кон Република Македонија (тогаш НР Македонија), и Ќосето се надевал дека двата дела на Македонија конечно ќе бидат обединети.
Но подоцна во истата 1948 година ќе се случи Резолуцијата на Информбирото, односите меѓу тогашна Југославија и Бугарија крајно ќе се заострат и ќе пропадне шансата за обединување на двата дела на Македонија. На блискоста на тогашна Југославија и Бугарија со неблагонаклоност гледале повеќе големи сили и дејствувале во спротивен правец, особено кога дошла идејата за заедничка федерација.
Поради влошените односи со тогашна Југославија, Бугарија во 1948 ќе ги протера и македонските учители, кои 3 години (1945-1948) патувале од Македонија во Бугарија, за да ги учат македонските деца во Пиринскиот дел на Македонија.
На крајот и еден цитат од говорот на Ќосето при отворање на споменик на 3 август 1933 година, кога е веќе во поодмината возраст.
“Имам уште една, трета желба, а таа е да доживеам да го видам развиорено знамето на Слободна и Независна Македонија над сините води во Солун и да екне македонската песна. Само тогаш сметам дека мојот земски живот ќе биде завршен, а мојот дух ќе се успокои за да заминам кај моите другари кои ги склопија очите уште пред 30 години од куршумите на непријателите. (Објавено во илустрацијата Илинден).
Инаку, на моја лична иницијатива, десетина македонски историчари, професори и доктори по историски науки селектираа 80 книги во една едиција наречена Про Македонија. Меѓу нив се и спомените на Ќосето.
Сите се преведени од бугарски на македонски јазик со предговор и стручна редакција од компетентни македонски историчари, без никакви цензури и кратења.
Едицијата има научна вредност и го одразува историското време, соодветно за секоја преведена книга. Во едицијата нема цензура. Историските книги се пишувани во време кога не постоеле македонски институции, македонска држава, сојузници на Македонија. Во едицијата нема само бугарски книги. Има и српски, од хрватски автори, но и од други автори кои пишувале за Македонија и за Македонското прашање. Книгите и денес ги има во продажба во македонските книжарници.
Инаку, предговор и стручна редакција на преводот на македонски јазик на спомените на Ќосето има дадено Проф. Др. Ванчо Георгиев, еден од членовите на македонскиот дел од комисијата за преговори за историјата со Бугарија која актуелната влада ја назначи минатата година.
Еве како тој го завршува својот предговор кон преводот на Спомените на Ќосето а во контекст на користењето на терминот “Бугари” за македонското население:
“На крај, ќе нагласиме во спомените на А. Ќосето, како и кај другите дејци од овој период, за именувањето на македонското население што било под духовно покровителство на Бугарската егзархија се користи терминот Бугари, исто како што за именувањето на населението што било под духовно покровителство на Цариградската патријаршија се користи терминот Грци или гркомани. Во случајот, споменативе термини преставуваат синоними за означување на конфесионалната припадност на населението во Османлиска Македонија, а не етноними. Најдобра потврда за тоа преставуваат зборовите на А. Ќосето:” на кого во тоа време му паѓало напамет да мисли за народ, за нација? Така, кога се раѓање во турско, тие мислеле дека нема друг народ, освен турскиот. Така си мислеле луѓето од онаа време”, завршува професорот и актуелен преговарач Ванчо Георгиев во август 2014 година кога го напишал предговорот“, напиша Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа