Костадинов: Владата преку економските мерки се бори за секој работник
Почна реализација на големиот пакет првични економски мерки во вредност од 200 милиони евра, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, кој зборуваше за тоа како владата предводена од неговата партија се справува со влијанијата од коронавирусот.
Како што рече тој, во тек е борба за секое работно место и за секој работник.
„Одобрени се и првите бескаматни кредити од страна на Развојната банка, за 136 компании со 1.737 вработени. Поради големиот интерес за оваа мерка, Развојната банка веќе го зголеми буџетот и обезбеди дополнителни 8 милиони евра кои им се ставени на располагање на микро, малите и средните претпријатија. Државата создаде услови, фирмите да покажат одговорност и солидарност, преку користење на мерките за помош и поддршка, да ги задржат сите вработени“, објасни партискиот портпарол.
Според него, со мерките кои веќе се усвоени, државата спасува 250.000 работни места и помага на 35.000 фирми.
„Со овие мерки, фирмите погодени од кризата, односно секој работник од државата добива по 14.500 денари, плата за месеците април и мај. Мерката значи идентична помош и за занаетчиите, самостојните дејности, спортските работници. Покрај оваа мерка фирмите можат да изберат помош за покривање на 50 отсто од трошоците за придонеси на секој вработен“, посочи Костадинов.
Нагласи и дека за граѓаните обезбедени се сериозни финансиски олеснувања, како одложена наплата на кредити, наплата на закуп на социјалните станови, а извршните дејствија од страна на извршителите се стопирани.
„Паралелно се кратат непродуктивните трошоци, но и се намалуваат платите на избраните и именувани функционери, затоа што сега е време за солидарност и меѓусебно помагање“, рече портпаролот на СДСМ кој изрази уверување дека владата нема дозволи никој да остане без приход во овие тешки времиња.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа