ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерно е Владата да зборува за здравствените работници, а наменува милионски средства на клинички мртвото СЈО
Да, точно е дека здравствените работници се на браникот во борбата со епидемијата со коронавирусот и секоја чест за нивната беспоштедна битка која ја водат секој ден. Но мора да се забележи дека тие кои што ги водат надлежните министерства, пред се министерството за здравство потфрлија во организациска смисла, велат во реакција од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференциите на Владата.
„Нема доволно ниту медицински средства, ниту опрема, ниту материјали. Медицинскиот персонал е оставен сам на себе да се грижи за сопственото, но пред се на здравјето на граѓаните. Протоколите на Филипче се распаднаа како кула од карти и затоа имаме 20% од заболените да бидат здравствени работници.
Да, точно е дека секоја поддршка во здравството е неопходна, но по кој знае кој пат се покажа лицемерието на власта. Така наместо сите капацитети и средства да се насочуваат во здравството, имаме Влада која носи уредби со кои наменува милионски средства на клинички мртвото СЈО, со цел уште еднаш да им исплати огромни хонорари на роднините на партиските функционери кои таму работат.
Оттука, крајна хипокризија е властите да бараат донациите да се насочуваат кон здравството, кога самата власт милиони пренасочува кон СЈО.
Власта на Заев покажа дека во ниту еден сегмент не се снаоѓа како што налага сериозноста на состојбите. Македонија се соочува со епидемија, а тие преземаат на моменти бесмислени чекори. Затоа на Македонија, освен здравствена, и се заканува сериозна социјална и економска криза“ стои во реакцијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа