Заев за Сител: Компаниите кои лани оствариле голема добивка, а сега се погодени од кризата да дадат поголеми плати
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во денешното гостување во вестите на Сител рече дека економските мерки кои ги предлага неговата партија се за директна помош на стопанството, но и за санација на буџетот.
Вели дека со 200 милиони евра ќе се помагаат компаниите. 120 милиони евра се за директните трансфери.
-Следниот пакет на мерки се оние кои што ги дефиниравме преку социјалните придонеси, преку другите мерки кои ги разработивме. Верувам дека на крајот Владата ќе ги спакува комплетно онака како што ќе одлучи, рече Заев.
Појаснува дека иако штетите на економијата веќе се присутни, допрва ќе се почувствуваат во април. Според него, тоа ќе се види и по буџетот и по компаниите.
-Ефектот е брановиден на здравствената криза. Сега здравствената криза е доминантна, но како втор бран ги носи економските ефекти од самата криза. Во делот на мерките за платите треба да знаат граѓаните дека приходите во буџетот, особено од први април, а веќе се гледаат и во март, се очекува 30 до 40 отсто, што значи 60 проценти не може да се наплатат. Зошто? Зашто е намалена јавната потрошувачка, луѓето се по дома, затворени се угостителско-услужните дејности, трговските дејности, транспортните дејности, фабриките или се затворени или хибернираат во моментот. Некои се затворени зашто нема достава на суровини, некои не можат да ги пласираат своите производители..., појаснува Заев.
Според него, државата бара 1,2 милијарди евра кредити, но во моментот на Македонија и даваат 600 милиони евра. Смета дека земјава не задоцнила со задолжувањето.
-Бевме меѓу првите кои што ги поднесоа сите барања, сите контакти, со сѐ. ММФ меѓу првите земји не извести колку ќе ни даде и колку ни следува согласно контрибуцијата која што ја имаме во ММФ. Со Светска банка веќе по третпат ги развиваме сите модели на помош. Се обративме до Европската инвестициона банка за реалокација на сите оние кредити да бидат комплетно безкаматни. Европската банка за обнова и развој одлучи директно да ги помага малите и средните претпријатија, вели Заев, додавајќи дека државата се обратила и до комерцијалните банки.
Според Заев, досега усно потврдени се 600 милиони евра и ќе треба да се најдат уште толку.
-Сепак, ни останува 1 милијарда која мораме да ја обезбедиме. Владата веќе ги прави непродуктивните кратења. Трошоците кои што се непродуктивни ги кратат. Сѐ што може да се скрати, што не влијае директно на приватната и јавната потрошувачка, сето тоа што е ориентирано за излив на пари надвор од државата се крати. Над 7 милијарди денари веќе се скратени, но тоа не е доволно, треба 60 милијарди денари, вели Заев.
Во однос на критиктие од страна на синдикатите, опозицијата, но коалицискиот партнер за предлогот сите административци да добијат минимална плата од 14.500 денари, Заев вели дека сите можат да издржат краток период, за да не мора потоа да се „издржува“ подолг период.
-Не дај Боже да дојдеме во состојба Фондот за здравство да не може да плати на болници и на аптеки. Тоа значи, нема лечење и нема лекови. Тоа не ни треба. Полиција и војска секој пат ни требала и ќе ни треба, рече Заев, додавајќи дека мора да се погледнат сите трошоци.
-Најубаво е да кажете „Плати сите ќе зимате, нема проблем, пари ќе се најдат“, а не може да се најдат пари. За сите 2,2 милијарди евра никој нема да даде пари, рече Заев.
Според Заев, процедурите за задолжување се почнати на почетокот на март.
Во однос на барањата на бизнисот за одложување на покачувањето на минималната плата, рече дека Владата обезбедува минимална плата за работниците во април и мај. Според него, поради овие мерки бизнисмените се среќни.
-Тоа не значи дека газдите треба да дадат минимална плата. Ако имаат можности нека дадат повеќе. Јас очекувам компаниите кои се погодени од кризата, а лани покажале големи профити да дадат поголема плата. И за две-три години да ги вратат парите, вели Заев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа