Заев: Политичките партии сами да одлучат дали ќе се откажат од парите за годинава
Партиите треба сами да кажат дали ќе го поддржат предлогот годинава да нема пари за политичките партии, изјави денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање дали ќе ги повика ДУИ да го поддржат овој предлог на министерката за правда Рената Тренеска Дескоска.
-Ние можеме да кажеме за себе. Јас се согласувам дека солидарноста треба да ја имаме како никогаш порано. Кога е најтешко треба да бидеме солидарни и навистина парите не треба да доаѓаат во политичките партии, треба да одат кај граѓаните, да ја зголемиме приватната и јавната потрошувачка и драго ми е што СДСМ собра капацитетност да се откаже од тие пари. Ние го дадовме нашиот предлог. За ДУИ или за која било друга партија останува самите да кажат, рече Заев.
Изрази верување дека сите ќе бидат солидарни и одговорни и онака како што заслужуваат граѓаните. Предлогот беше парите да се пренаменат за справување со ширењето на коронавирусот.
Лидерот на СДСМ кажа дека вчерашната одлука на Советот на ЕУ за почеток на преговори со Северна Македонија е успех на нашиот народ, на многу генерации. За оваа работа, додаде Заев, прво работеа граѓаните, институциите, политичарите, од независноста до сега.
-Се сеќаваме сите, го гледавме на телевизија помладите прогласувањето на независноста кога беше испорачана европската визија и верувам дека денеска сме сите радосни за овој голем успех. Ред е да се заблагодарам на сите генерации, на сите парламентарни состави, на сите влади и на политичари, но еве ние имавме среќата да успееме, со храбри одлуки, Владата, Парламентот успеавме, рече Заев.
Според него, честитки за вчерашната одлука стасале од секаде од амабасадори, од многу лидери на ЕУ, од комесарот Хан, од членови на ЕК, од политичките партии од коалицијата, но честитка до него не стигнала од опозицијата.
-Но би било добро е да му честитаат на народот, да го охрабрат нашиот народ заради тоа што дефинитивно ова е заедничка радост на сите. Мегдани меѓу власт и опозиција ќе има многу. Да се бориме за економски мерки и идеи, како побрзо да го дигнеме економскиот стандард на нашиот народ, да имаме идеи да се бориме со корона вирусот и здравствениот аспект… Должни се да го поздрават и да му се израдуваат и навистина да го повикаат народот да се израдува, рече Заев.
Мерките што ги понудивме до Владата за справување со економските последици предизвикани од ширењето на коронавирусот се сериозни мерки, но се неопходни. Граѓаните мора да ја знаат вистината и да знаат што не чека. Сите заедно треба да го понесеме товарот за побрзо да ги санираме последиците и да ја превродиме економската криза, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Ќе бараме кредити, рече тој, но граѓаните треба да знаат дека големите кредити ги повлекоа големите земји.
-Малку се парите. Дел од кредитите ќе ја санираат состојбата, но, дел товарот солидарно треба да го понесеме. Мора да ги поддржиме работниците, економијата и фирмите затоа што што доминантно тие го полнат Буџетот, доминантно тие го креваат и развиваат БДП и обезбедуваат плати, плаќаат даноци и го генерираат развојт на земјата. Во такви околности мора да има рамномерна распределба на товарот кој треба да се понесе, рече Заев.
Тој истакна дека граѓаните треба да знаат оти очекувањата на наплатата на приходите се помеѓу 30 и 40 отсто.
-Тоа значи ќе фалат околу 60 отсто, 30 отсто ќе надоместиме ако обезбедиме кредити повеќе од 1 милијарда и 200 милиони, а во моментов ни нудат не повеќе од 600 милиони. Еве и да обезбеиме 1 милијарда останатите 30 отсто мора да кратиме и да штедиме на се што не задира во приватната потрошувачка или во јавната потрошувачка. Веќе се кратат сите непродуктивни трошења и средства кои одат надвор од државата, тоа се околу 7 милијарди денари и е малку, ако се знае дека 30 отсто од Буџет од 4 милијарди е 1 милјарда и 300 милиони денари. Мора да знаеме дека товарот треба да го понесеме сите и оти колку побрзо го сфатиме тоа толку поуспешно и поефикасно ќе се справиме во кризата, истакна лидерот на СДСМ.
Ако таква поделба на товарот се направи, рече Заев, ќе има големи шанси да се скрати периодот на справување со криза, ако не го направиме тоа, посочи, треба да бидеме подготвени на се.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа