Нелоски: На бизнис секторот му е потребна сериозна помош од Владата за да го издржи ударот од коронавирусот
Покрај градот Дебар, треба да се размисли околу воведување на посериозни мерки за спречување на коронавирусот и во Скопје па, и во Куманово. Скопје во моментов е со најмногу заразени со вирусот, а животот си продолжува во градот со секојдневни гужви и турканици по граскиот превоз. Затоа градските власти треба да побараат од владата дополнителни мерки се со цел да се спречи пренесувањето на Ковид-19, вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Нелоски на денешната панел-дискусија Live Chat насловена како „Затоа што секој живот вреди“.
-Сеуште неможам да си објаснам зошто градот Скопје кој е збратимен со повеќе градови, како од Република Кина и од Европа, па и од Америка, зошто нема побарано помош за справување со кризата. Дополнително ме изненадува фактот зошто јавниот превоз е редуциран, кога тоа дополнително придонесува за правење на гужви и турканици во автобусите. Затоа сметам дека треба да се зголеми бројот на автобусите, кои што ќе се движат во градот, да се прави повеќе пати во денот дезинфекција во нив. Исто така она што ме загрижува се и неколкуте состаноци во тој кризен штаб и сметам дека тоа е малце. Тој штаб треба да се состанува во текот на денот неколку пати, да анализира и да бара решенија за спречување на ширење на заразата. Треба да се направат и пунктови пред влезовите, како во Скопје така и во Куманово, за да се дезинфицираат возилата, вели Нелоски.
За економските мерките предложени од владата Нелоски истакна дека е разочаран бидејќи реакцијата на државата е многу спора.
-Владата имаше најава за кредити со ниски каматни стапки, но според мене тоа не е некоја мерка бидејќи тие заеми фирмите повторно ќе треба да ги враќаат. Тоа беше пред 5 или 6 дена, а пред два дена имавме една поголема најава на десетина мерки кои што беа поврзани со економијата. Но, за жал поминаа два дена од најавата на тие мерки, а ние сеуште немаме ништо. На бизнис секторот му се потребни сериозни мерки, помош од страна на државата, за да го издржи ударот која го донесе коронавирусот. Приватниот сектор во моментов е на колена. И со ставање на минималец на целата јавна администрација, СДСМ и Зоран Заев на еден начин ќе ја спушти на колена и јавната администрација, а се знае дека за да оди напред економијата треба да се зголемува потрошувачката. Затоа мислам дека доколку има кратење на платите на јавната администрација, тоа да не биде повеќе од 10 проценти. А приватниот сектор државата да го подджи со субвенционирање на 50 проценти од бруто платата на погодените претпријатија. Инаку, со овие мерки што ги предлага владата мислам дека економијата ќе биде спуштена на колена, посочи Нелоски.
Тимот на економисти од ВМРО-ДПМНЕ, вели Нелоски, предложи повеќе мерки кои владата треба да ги превземе. Една од тие мерки е и одложување на плаќањето на данокот на додадена вредност за месец март, кој што треба да се направи во април, за сите компании кои што се погодени со оваа криза. Потоа, да се помогне транспортниот сектор, преку укинување на патарините, а и да бидат ослободени од царинските давачки. Да се ослободат од давачки, царински или даночни, оние компании и фирми кои го снабдуваат здравството со средства за борба против коронавирусот. Исто така и неколку месечно замрзнување на кредититите на граѓаните. Владата да најде начин да обезбеди 110 милиони евра , отприлика толку се потребни за да нашата економија го издржи ударот. Потребно е и стопирање на сите непродуктивни трошоци што ги имаат државните, но и локалните институции, како и трошоците за привремените вработувања, посочи Нелоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа