Митрески: Нови 100.000 работни места и минимална плата од 300 евра во следниот мандат на СДСМ
Политиките на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија кои носат нови работни места, поголеми плати и повисок животен стандард продолжуваат, рече денеска на прес- конференција, Јован Митрески, пратеник на СДСМ
Но, сега уште повеќе и уште подобро, нагласи тој.
„Во следниот мандат се посветуваме на економијата како наш врвен приоритет. И токму затоа таа е првиот столб во нашата програма. За следниот мандат, отвораме нови 100.000 работни места и обезбедуваме повисоки плати за сите граѓани! Ако за само две и пол години успеавме да отвориме над 67.000 реални нови работни места, веруваме дека за следниот мандат можеме да ја оствариме бројката од 100.000 работни места. Зголемувањето на вработеноста директно ќе влијае на намалување на невработеноста“ рече Митрески.
Потенцираше дека ако денес имаме стапка на невработеност од 16,6 % нашата заложба е до 2024 да се намали за повеќе од двојно и да го донесеме под 8 отсто.
„Исто така, заложбите за раст на платите во сите сектори, за сите граѓани продолжуваат и во следниот 4 годишен мандат. Се залагаме за минимална плата од 300 евра и просечна плата од 600 евра до крајот на следниот мандат. Досега покажавме дека со СДСМ платите и пензиите растат повеќе и побрзо. Но, ние можеме уште повеќе и подобро! Затоа покрај платите ќе растат и пензиите и тоа за 21% . Распределено по години 6% во 2021, 7% во 2022 и 8% во 2023 година. Минималната пензија ќе порасне од 8.000 на 10.700 денари. Досега мерките во земјоделството се покажаа како мошне успешни. Затоа продолжуваме по тој пат уште повеќе и подобро. До 2024 година обезбедуваме целосно бесплатна „зелена“ нафта за сите земјоделци и двојно повеќе пари за поврат на персоналниот данок кон земјоделците“ вели тој.
Митрески вели дека во следниот мандат ќе продолжат да вложуваат во инфраструктурата.
„Ќе изградиме 260 км автопати. 300 км експресни патишта. Ќе изградиме 950 км локални патишта. Рехабилитации на 1500 км постоечки патни правци. Нови 500 километри водоводи и канализации низцелата држава. Ова се реални бројки во реална програма. Покажавме дека можеме, ќе потврдиме дека можеме уште повеќе и уште подобро. Насочени и целосно посветени сме на развивање на држава која обезбедува достоинствен живот и пристојна живеачка за сите граѓани. Држава во која трудот на работниците се вреднува и плаќа. Држава во која младите остануваат и напредуваат и се на исто ниво со нивните врсници од Европа.
Веруваме дека кога можевме за две и пол години да ја извадиме земјата од финансиски колапс и да обезбедиме највисок раст на платите до сега, пад на невработеноста на рекордно ниско ниво, убедени сме дека во следниот мандат можеме уште повеќе и уште подобро„“ рече Митрески.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа