ВМРО-ДПМНЕ ќе воведе здравство без хартија, укинување на рецептите и услуги само со лична карта
Здравствениот систем на Република Македонија откако СДСМ е на власт е пред колапс, велат од ВМРО- ДПМНЕ утринава преку соопштение.
„Здравствениот систем поради негрижата на СДСМ целосно стагнира. Поради ова ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде на власт ќе понуди пакет реални мерки преку кои здравствениот систем ќе се врати во нормала. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на обнова која ќе значи ревидирање на позитивната листа, повеќе бесплатни лекови за ранливите групи. Ќе се ревидира листата на лекови, што ќе значи повеќе бесплатни лекарства за оние на кои тие им се најпотребни, нагласуваат од партијата.
„ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на обнова со која ќе воведе здравство без хартија, укинување на рецептите и услуги само со лична карта. Ова подразбира целосна дигитализација на рецепти, упати, извештаи и резултати. Дигитализација на радиолошките единици, нивно поврзување во единствен центар за да се скратат процедурите и да им се олесни пристапот до здравствениот систем на граѓаните. Системот ќе биде дигитализиран во сите делови, од подигнување електронски рецепти кај матичниот лекар, до добивање медицински извештаи. Електронски издадената рецепта од лекарот, ќе може да се подигне во било која аптека со документ за лична идентификација од страна на пациентот или негов близок“ стои во соопштението.
Од партијата велат дека по 12-ти април, ВМРО-ДПМНЕ кога ќе ја формира својата влада ќе понуди реални мерки кои ќе помогнат во подобрување на здравствениот систем кој ќе биде подостапен до сите граѓани. Обнова на здравствениот систем следува по 12-ти април.
„Гласот за ВМРО-ДПМНЕ е глас за обнова, а гласот за СДСM е глас за криминалот кој мора да биде поразен. СДСM не се менува и останува партија заробена од Заев и Шекеринска кои се последните остатоци на криминалната транзиција. За спас на Македонија, транзициските криминалци мора да бидат казнети за штетите кои ги направија“ стои во партиското соопштение.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа