Георгиевски: Залудни се лагите на ВМРО-ДПМНЕ, нема депонија во Стајковци, туку урбано уреден простор
Залудни се лагите и заканите на ВМРО – ДПМНЕ. Просторот покрај обиколницата во Стајковци, што долго време беше дива депонија и целосно запуштено место, го чистевме повеќе од пет пати и денес тоа е урбано уреден простор, изјави градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.
Како што изјави Георгиевски по извршениот увид во градежните активности за уредување на просторот во Стајковци, отпадот е расчистен и поставена е нова земја, како и осветлување и урбана опрема, а засадени се и 20 јавори.
– Искрено жалам што овој проект токму претседателот на Советот на општина Гази Баба, Тони Бојковски наместо да го поздрави, се обиде во негов стил насилно и со закани да го стопира, па дури и да исценира лажна приказна дека се создава депонија, со цел да претстави лоша слика за мене и моето работење, за манипулација на народот која би му донела некој ситен политички поен. Се обиде и да ги спречи лицата кои работеа на проектот, иако неговата надлежност, како претседател на Советот, не го дозволува тоа, истакна градоначалникот.
Додаде и дека остро го осудува однесувањето на Бојковски.
– Нема да дозволам мојот труд да се девалвира со лаги и манипулации, а освен тоа жителите можат многу лесно да проверат и сами, да се уверат дека овде депонија нема, туку напротив, имаме нов уреден простор кој сите треба да го чуваме, напомена Георгиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа