Јанкулоска: Граѓаните се повеќе и веруваат на полицијата
Во Македонија денеска се одбележува 7 Мај - Денот на полицијата и безбедноста и Денот на баталјонот на воената полиција. На свеченоста што се одржа во МВР, делегација предводена од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска положи цвеќе пред споменикот на загинатите припадници на полицијата, а беше построен и почесниот вод на македонската полиција.
Јанкулоска им го честита Денот на полицијата на сите полициски службеници и вработени во МВР и им се заблагодари на чесноста, посветеноста и професионализмот со кој што ги извршуваат своите задачи. Истакна дека граѓаните се повеќе и веруваат на полицајците во своите средини и дека се зголеми откривачката функција во делот на економскиот криминалитет и нелегалната трговија со наркотици, а значително се намалени најтешките кривични дела, убиствата и разбојништвата. Неколкуте минатогодишни критични ситуации, според Јанкулоска, ја потврдија присебноста и професионализмот на полициските службеници.
- Пожртвуваноста, хуманоста и патриотизмот, кои секојдневно ги демонстрираа изминатата година, не направија горди нас, нивните семејства и сите граѓани на Репблика Македонија. Затоа денеска со право им се поклонуваме на сите починати херои кои ги жртвуваа своите животи за мирот и безбедноста на Република Македонија. Денеска со право им оддаваме почит и на оние кои го продолжуваат нивното дело и кои го чуваат и надградуваат угледот на униформата што ја носат, изјави Јанкулоска.
Граѓаните на Република Македонија, додаде таа, секогаш знаеле да ја препознаат и вреднуваат жртвата на оние кои се заколнале да им служат и да ги штитат. - Затоа денеска уште еднаш со должно внимание ги споменуваме полициските службеници кои загинаа на бедемот на татковината во 2001 година. Нивната љубов кон Македонија вечно ќе се памети, а денешното посмртно доделување на Медал за храброст, по дванаесет години од конфликтот, е само мал гест со кој сакаме да им порачаме дека беа и ќе останат пример за сите сегашни и идни генерации, истакна министерката за внатрешни работи.
Според Јанкулоска, посветената и професионална работа на полицијата беше препознаена од страна на ЕК која ни даде позитивна оценка и препорака за почнување на преговори во ланскиот извештај, но и во рамки на извештајот од претпристапниот дијалогот на високо ниво, а уште еднаш земјава беше добро рангирана и во извештајот на Транспаренси интернешнл за борба против корупцијата.
- Тоа што секако е за посебно издвојување е најпозитивниот извештај во изминативе 10 години изготвен од ОБСЕ, кој се објавува на секои две години. Истражувањето од агенцијата Прогрес за нас беше особено значајно и поради тоа што истото го сондираше мислењето на нашите граѓани, оние за кои ние работиме. Тоа што мене и на моите колеги ни даде најголемо признание за сработеното, но и огромен поттик, беше искажаната доверба на граѓаните во полицијата. Речиси две третини од испитаниците одговорија дека и веруваат и ја почитуваат полицијата во нивните средини што е далеку над европскиот просек од 42 отсто од граѓаните кои и веруваат на полицијата. Исто така огромен мотив за напредок беше и мислењето на преку 80 проценти од граѓаните кои сметаат дека полицијата може да даде поддршка секогаш кога треба, што укажува дека тие се чувствуваат безбедно бидејќи знаат дека може да сметаат на нас, истакна министерката за внатрешни работи.
Посочувајќи на постигнувањата на полицијата во изминатата година, Јанкулоска рече дека се зголеми откривачката функција во делот на економскиот криминалитет и нелегалната трговија со наркотици, а значително се намалени најтешките кривични дела, убиствата и разбојништвата.
- Во изминативе 365 дена полицијата постапуваше по 26 убиства, стапка која е најниско ниво од самостојноста на Република Македонија, а регистрирани се и 20 отсто помалку разбојништва. Во делот на шверцот со наркотици вреди да се истакне дека двојно беа зголемени заедничките операции во кои беа откриени меѓународни канали за криумчарење дрога. Продолжија Операциите „Босфор“ и „Диригент“, а беше запленета дрога тешка околу еден тон вредна над 25 милиони евра. Во делот на економскиот криминалитет беа регистрирани 704 дела за кои беа пријавени 1.129 сторители, изјави таа.
Ваквите постигнувања, според неа, се должат и на несебичното залагање, но и на инвестирањето во обуки на кадарот, како и во модернизација на полицијата.
- Конечно по 12 години беа набавени нови полициски возила за да ги заменат старите и дотраени крајслери. Отворивме нова лабораторија во Одделот за крим-техника за компјутерски вештачења и реновиравме голем број полициски станици. Го ставивме во функција проектот „Безбеден град“ со кој што Скопје се вброи меѓу европските метрополи покриени со безбедносен видео-надзор, изјави министерката за внатрешни работи.
Потпишани се десетици меѓународни договори за продлабочување на соработката и размена на искуства и информации, македонската полиција беше домаќин на голем број министри од Европа и регионот, а возвратено е на бројни покани кои се, според неа, се доказ дека македонската полиција прерасна во рамноправен партнер на побројните и поискусните полициски служби.
Минатата година полицијата, според Јанкулоска, се соочи и со критични ситуации кои ја потврдија присебноста и професионализмот на полициските службеници.
- На 24 декември полициските службеници беа омаловажувани и изложени на агресија пред законодавниот дом, но не дозволија да бидат вовлечени во насилни сценарија. Во Полициската станица Штип беа напаѓани, туркани и навредувани и повторно не потклекнаа на провокациите. Се обидоа да ги деградираат припадниците на безбедносните сили, враќањето на Јохан Тарчуловски, а деновиве повторно го актуелизираат и рушењето и дислоцирањето на спомениците на сите бранители и херои на Македонија. Не можат да сфатат дека сите кои ја носат полициската униформа вложија по нешто во мирот и безбедноста на Република Македонија, а некои дадоа се. Тие херои не заслужуваат таков однос, изјави министерката за внатрешни работи.
Според неа, инструментализирани самонаречени невладини организации или политичари, ниту имаат, ниту ќе имаат мандат личните фрустрации да ги лечат со уривање.
- Тоа што не можат да ја видат големината на спомениците на бранителите, на Гоце, Даме или останатите великани кои се жртвуваа за Македонија, само говори колку се тие мали. Затоа на овој ден, во мое лично име и во име на вработените во МВР сакам да им порачам дека тоа што самите не успеале нешто да изградат или да остават трага во историјата на земјава, не им дава право да ги уништуваат сеќавањата на оние кои со крв ги запишале своите имиња. Нема да дозволиме децата, сопругите и мајките на нашите колеги што ги жртвуваа животите во 2001 година да бидат сведоци како некој варварски се обидува да ги збрише паметниците на нивната жртва, рече Јанкулоска.
Во изминатата година имаше десетици повредени полициски службеници главно при нарушувањата на јавниот ред и мир. - Беа регистрирани 110 кривични дела „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, а по преземени мерки се расветлени сите дела и мерки на кривичен прогон се преземени спрема 139 сторители, потсети Јанкулоска.
Полициските службеници, како што рече, спасуваа животи, спречуваа кривични дела, приведуваа лица барани со домашни и меѓународни потерници.
- Една од најобемните задачи која заслужува и мора да биде издвоена е улогата на Министерството во изборниот процес. Уште еднаш сакам да нагласам дека огромно признание заслужуваат сите полициски службеници кои учествуваа и во обезбедувањето на локалните избори. Со својот професионален ангажман не дозволија вољата на граѓаните да биде узурпирана, разобличувајќи ги сите манипулации и обиди за фрлање дамка врз изборите. Резултатот на огромното залагање беше оцената дека имавме фер, демократски, конкурентни и ефикасно спроведени избори на кои победија граѓаните, изјави Јанкулоска.
Во рамки на одбележувањето на Денот на полицијата, делегација од централните полициски служби, Секторот за гранични работи, Секторот за полиција и гранични работи, како и претставници на Македонскиот полициски синдикат положија цвеќе и на споменикот пред зградата на Граничната полиција во МВР. Делегација од МВР, како и претставници на семејствата на загинатите бранители од МВР положија цвеќе и пред споменикот на паднатите бранители во паркот Жена-борец.
Претседателот Ѓорге Иванов денеска по повод 20-годишнината од одбележувањето на Денот на безбедноста и на македонската полиција - 7 Мај постхумно ќе им додели медал за храброст на 32 припадници на безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, кои својот живот го положија служејќи и на државата.
Делегации на МВР традиционално ќе ги посетат Домот за деца без родителска грижа „11 Октомври“ во Скопје и Домот за доенчиња и мали деца во Битола и ќе им донираат подароци, а во касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје се организира хуманитарна акција на доброволно дарување крв.
На свеченоста што ќе се одржи во скопската касарна „Илинден“ ќе присуствуваат началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски, командантот на Здружената оперативна команда бригаден генерал Методија Величковски и други гости од МО и ГШ на АРМ
ФОТО: Курир