Детали за полициската акција во Крушопек: Запленета контролирана пратка кокаин, приведени неколку лица

Еден килограм контролирана пратка кокаин е запленета во магацин за овошје во селото Крушопек, во скопски Сарај.

По насока на јавен обвинител приведени се возачите на камионот и сопственикот на магацинот, а се трага и по други лица, потврдиле за МИА извори од Министерството за внатрешни работи.

Истите извори посочуваат дека мерките се преземени по насока од јавен обвинител и по наредба од судија на претходна постапка.

Станува збор за меѓународен ланец за троговија со дрога, чија вкупна количина е 1,3 тони кокаин, а во земјава е запленет еден килограм контролирана пратка од оваа дрога. Во операцијата, според извори од МВР, освен македонската се вклучени и италијанската и црногорската полиција.

Според Јавното обвинителство, полициската акција во Крушопек, која е во тек, се спроведува во координација со обвинители од Италија од регионот Калабрија.

Повеќе детали ќе бидат соопштени во текот на утрешниот ден.

За оваа акција се огласи и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

-Ја информирам јавноста дека Министерството за внатрешни работи во овој момент презема широк спектар на оперативни мерки и активности. По насоки на јавен обвинител и по наредба на судија на претходна постапка се вршат претреси на подрачјето на село Крушопек во близина на Скопје поради недозволена трговија со дрога, пишува Чулев на Фејсбук и додава дека целиот капацитет на Министерството за внатрешни работи е ставен во заштита на граѓаните и безбедноста на државата.

„Помина времето кога високото раководство во МВР соработуваше и ги поддржуваше криминалните структури во државата. Повеќе информации за јавноста ќе соопштиме во текот на утрешниот ден“, потенцира Чулев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.02.2020 - 21:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега