Градоначалникот Трајановски на меѓународна конференција во Атина

Таткото на Град Скопје, Коце Трајановски, во Атина учествува на 15. Конференција на Унијата на главни градови на земјите на Централна и Југоисточна Европа, јави МИА.

Скопскиот градоначалник во Атина изјави дека Управувањето со големите градови е сложен процес, особено ако се работи за главен град, а станува уште посложено ако  развојот на Градот треба да се обезбеди во моменти кога светот ја преживува една од најголемите  економски и финансиски кризи во човештвото.

- Нивните барања беа пред се насочени кон подигање на свеста за јавната чистота, заштитата на околината, јавниот превоз и мобилноста на граѓаните преку развој на сообраќајот и сообраќајната инфраструктура. Почитувајки ги овие барања Градот Скопје ги реализираше капиталните проекти на воведување центар за автоматско управување на сообраќајот, реконструкција на сообраќајната инфраструктура, осовременување на јавниот превоз, јавната хигиена и многу други проекти, потсети Трајановски.

Трајановски подвлече дека власта е двонасочен булевар кој треба да ги прима сите сигнали од граѓаните: - Оваа задача, односно овој „празен простор“  помеѓу индивидуата и локалната власт, беспрекорно ја извршува невладиниот сектор, односно граѓанските здруженија и во поново време неформалните групи.  Проблемот со кој се соочуваат младите демократии е како да го раздвижат овој дел од „булеварот“... или како што тоа пред многу години го кажа Аби Хофман „ Демократијата не е нешто во кое веруваш или е место каде можеш да ја закачиш шапката, туку тоа што ти го правиш. Твоето учество. Ако престанеш да го правиш тоа, демократијата ќе се урне, нагласи Трајановски.

Тој додаде дека неговата мисија е Скопје да прерасне во социјално одговорен град, каде акцентот е ставен на ранливите групи, на лицата со посебни потреби, на бездомниците, на старите и изнемоштени лица.

- Градот Скопје е сосема свесен какви се придобивки има од соработката со невладиниот сектор: вклученоста на граѓаните во најнепосредни процеси на креирање локални политики, подобрување на квалитетот на животот како кај ранливите категории така и на сите жители, економски поисплатливи услуги отколку тоа да го прави администрацијата, нови свежи идеи и авангардност... и затоа, оваа администрација на Град Скопје никогаш нема да престане да трага по модели за поширока и поквалитетна соработка со граѓанскиот сектор и неформалните групи, бидејќи во крајна линија сите сме корисници на граѓанската иницијативност, заклучи на крајот од својот говор градоначалникот Трајановски.

Инаку, собирот во Атина го отвори грчкиот министер за одбрана Димитрис Аврамопулос.

18.10.2013 - 11:16

најчитано сега