Агенцијата за разузнавање апелира пратениците да го донесат новиот Закон за Агенција за разузнавање

Агенцијата за разузнавање апелира пратениците пред распуштањето на Парламентот да го донесат новиот закон за разузнавање, кој е во собраниска процедура, бидејќи како што посочуваат оттаму, тој треба да се донесе пред заокружување на процесот за полноправно членство на државата во НАТО.

-Новиот закон, кој првпат после 25 години е во собраниска процедура, е резултат на повеќемесечна работа на тим од Агенцијата, во консултација со академската заедница, Министерството за правда, партнерските служби од земјите членки на НАТО и ЕУ и специјализираните тела од Алијансата. Потребата од донесување на новиот закон се наметна поради новонастанатите промени во безбедносното опкружување на државата, во регионални и глобални рамки,  што бара  итно, ефикасно и навремено реагирање на терен. Со новиот закон, Агенцијата се дефинира како служба надлежна за надворешно разузнавање, која собира, обработува, анализира, разменува, чува и штити податоци и сознанија за асиметрични, хибридни и сајбер закани од странство, велат од Агенцијата за разузнавање.

Со тоа, додаваат, се прави јасна дистинкција меѓу надлежностите на Агенцијата за разузнавање и  Агенцијата за национална безбедност, што досега не беше прецизирано.

-Новиот закон за АР ги заокружува реформите во безбедносниот систем на државата што официјално започнаа со донесувањето на Законот за оперативно-техничката агенција (ОТА), во април 2018 година, Законот за Агенција за национална безбедност (АНБ), во мај 2019 година и Законот за координација на безбедносно разузнавачката заедница, во мај 2019 година, се вели во соопштението од Агенцијата.

Законот, според Агенцијата за разузнавање, ги подобрува и зајакнува професионалните стандарди: ја департизира Агенцијата, го подобрува менаџирањето во Агенцијата, меѓу другото се воведува место заменик-директор, го регулира и прецизира начинот на извршување на задачите и употребата и контролата на методите и средствата на работа и овозможува подобра заштита на класифицираните информациите кои што ги создава Агенцијата и кои што ги прима од партнерските служби, а наскоро и од НАТО како нејзина земја-членка.

-Покрај тоа, содржи и важен социјален аспект за вработените: ги уредува правата и обврските на вработените, односно ги изедначува со колегите од соодветните безбедносни служби, по однос на условите за пензионирање и платите, согласно специфичноста на разузнавачката работа. Тоа истовремено ќе овозможи ново кадровско екипирање и зајакнување со нов потребен профил на млади образовани кадри кои треба да ја градат својата кариера и иднина во нашата држава, се додава во соопштението.

Особено важно, според Агенцијата,  е што во новиот закон за АР се имплементирани  забелешките и препораките на НАТО, како и партнерските служби од земјите членки на НАТО и ЕУ. Тој, велат,  го дефинира местото и улогата на Агенцијата и овозможува нејзина соодветна регионална и меѓународна позиционираност, со што ќе ја подобри нејзината интероперабилност и ќе ја направи рамноправен партнер на службите – членки на НАТО и ЕУ. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.02.2020 - 18:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега