Џафери: Собранието треба да работи според закон, а не според желби

Претседателот на Собранието Талат Џафери не се согласува со ставот на претседателот на СДСМ дека Собранието може да се распушти и подоцна за да се донесат неколкуте закони. Тој е дециден дека постојат конкретни рокови кои мора да се испочитуваат и оти Уставот е јасен дека изборите се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието, пренесува „Дојче Веле“

„Лидерите на парламентарните партии заедно се договорија да се одржат избори на 12-ти април, и тогаш знаеја кои закони се битни за донесување пред да се распушти парламентот. Сега во последен миг се пласираат идеи кои се косат со законските рокови за изборните дејства. Уставот е јасен: избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Институциите треба да работат според закон, а не според желби. И јас сум член на партија, и на партијата ѝ кажувам какви се роковите. Не е дека сакам да опонирам, туку мора да ги почитувам нормите", вели Џафери.

Според него, ако евентуално и има простор да се скрати рокот за увид во Избирачкиот список од 20 на 15 дена, за другите изборни дејства тоа е невозможно.

„Може ли да има независни листи, кои имаат временски рок за собирање потписи? Може. Како ќе им го скратите тој рок? Тука се и законски определените рокови за жалбени постапки до ДИК, до Управниот и до Вишиот управен суд. Можете ли ним да им речете дека денеска мора да донесат одлука? Не. Има роковник, кој точно ги овозможува сите непоходни дејства. И оној рок од 51 ден кој го спомнувам како минимален за реализирање на изборните дејства, е речиси на граница на ризик ‘до минута’. Што ако падне елeктронскиот систем на ДИК? Не ќе може да ги прими листите“, предупредува претседателот на Собранието, и порачува – должен сум да го спроведам она што ми го диктира законот-изјави Џафери за „Дојче Веле“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.02.2020 - 11:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега