Тимоние: Нашата цел е да ве прифатиме во Европската унија во најдобри услови

Франција е задоволна од начинот на којшто се спроведуваат активностите околу новата методологија за преговори што Европската комисија треба да ја објави утре и нејзината усогласеност со барањата од францускиот нон-пејпер. Ова во интервју за Телма го изјави амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние, кој вели дека тој процес овозможува да се одговори на некои прашања кои предизвикувале загриженост во Франција.

-Она што ние го посакувавме е да се зачува тој важен аспект од владеењето на правото којшто ќе има и понатаму централно место во сите наши барања за постигнат напредок, но и со соодветна динамика којашто ќе овозможи прогресивно членство… Прашањето има значаен политички аспект, имајќи го предвид фактот што се воспоставува принципот на реверзибилност. Ќе бидат наградувани и тоа на видлив начин сите напредувања, но во случај на тешкотии и назадувања, ќе биде потребно враќање назад. Она што ние сакаме да го избегнеме, а коешто постоеше во минатото и претставуваше проблем е што, откако преговорите ќе започнеа, понекогаш воопшто не им се гледаше крајот, вели Тимоние.

Тимоние во интервјуто ја повторува изјавата дадена минатата недела дека е можно процесот на реформи во ЕУ и пристапните преговори да се водат паралелно, што претставува своевиден преврт во француската позиција.

-Не е сигурно дека Европскиот совет ќе донесе одлука во март, затоа што сè уште се водат преговори. Најважно е да се усвои новата методологија, а ние како хоризонт си го зацртавме загрепскиот самит во месец мај. Сега се наоѓаме во период кога треба да се донесат одлуки каде ние од една страна треба да си ја завршиме својата работа, но и Северна Македонија и Албанија треба да си ја завршат својата работа и да се донесат одредени одлуки коишто ќе помогнат, најверојатно, да се забрзаат роковите. Ќе го споменам Законот за Јавното обвинителство и навистина посакуваме да се донесе тој закон и да биде квалитетен, но исто така сме мошне претпазливи во врска со начинот на којшто истиот ќе се усвојува. Ќе биде потребно преодната Влада коректно да функционира, без поголеми тензии, почитувајќи ги правилата на играта коишто беа прифатени од политичките партии. Затоа, ги повикувам големите политички партии да го имаат предвид државниот интерес, а не да влегуваат во меѓусебни расправии. Ги повикувам да донесат Законот за Јавното обвинителство, кој ќе биде добар и ќе задоволува одредени критериуми и тоа да го направат без предрасуди за партијата или поради лични интереси. Сметам дека тоа ќе биде соодветно вреднувано од најголем број земји-членки на Унијата.

Тимоние додава дека нивна цел не е да не разочараат, туку да ја прфатат земјата  во Европската унија во најдобри услови.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.02.2020 - 20:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега