Колку ќе чини метар квадратен во висококатниците во скопски Аеродром
Според Есер Џеваир генералниот директор на турската компанија „Џевaир“, постои голем интерес и кај домашните и кај странски клиенти за становите во двете висококатници во Аеродром. Но тој сѐ уште не ја открива нивната цена и вели дека би била приближно како за луксузен апартман, пишува Нова Македонија.
- Продолжуваат подготовките за цените на становите, а ќе бидат истакнати кога ќе почне продажбата. Цените ќе бидат различни, во зависност од големината на становите и од тоа на кој кат се наоѓаат – вели Џеваир.
Тој додаде дека луксузните апартмани што се на највисоките катови ќе бидат поскапи. Ќе се изградат 1.376 стана, во секоја кула по 344. Инвеститорот вели дека има различни варијанти на квадратура, а најмалиот стан е 52 квадратни метри.
- Во моментов професионалната екипа за продажба, која се наоѓа во склоп на „Џеваир“, ќе се занимава со продажбата на становите. Со приватни агенции за недвижности немаме склучено никаков договор – вели Џеваир.
Турскиот инвеститор очекува сите апартмани да бидат продадени токму поради нивната атрактивност и добрата локација за живеење.
Од турската фирма истакнаа дека зградите се обезбедени од пожари, а може да издржат земјотрес и до 10 степени, при што се направени сите потребни испитувања.
- Испланирано е градежните работи на другите два блока да се завршат во јули 2014 година, по што ќе биде ангажирана професионална фирма, која ќе го врши управувањето на комплексот, внатре и однадвор. Поради специфичноста на проектот, управата на фирмата ќе спроведува деловен модел, кој ќе ги поседува потребните особини. Таа ќе се грижи за светлото во ходниците и за хигиената, ќе има и обезбедување низ целиот комплекс – изјави Есер Џеваир.
Освен четирите кули, се планира и изградба на трговски центар на површина од 25 илјади квадратни метри, повеќе деловни комерцијални простории, базен, фитнес, тениско игралиште. Во кулите ќе живеат до 5.000 лица. Ќе има и паркинг со можност за паркирање на 7.000 автомобили.