Поддржани измените на Законот за просветна инспекција

Македонските пратеници денеска со полни раце работа. Седници оддржуваат Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за образование наука и спорт, Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за труд и социјална политика и Комисијата за одбрана и безбедност.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за просветната инспекција во прво читање е прифатлив и може да се проследи во натамошна постапка, заклучи собраниската Комисија за образование, наука и спорт на денешната седница.Измените предвидуваат форми и начини за  годишен план (програма) на крајот од учебната година за следната учебна година, кој ќе биде изготвен од директорот на Државниот просветен инспекторат (ДПИ).

- Со донесувањето годишната програма понатаму ќе се разложи на оперативни квартални програми за секој инспектор посебно. Врз основа на ова ние ќе добиеме конкретни резултати. Се трудиме да го децентрализираме ДПИ кој врз основа на законите за образование самостојно и професионално ќе ја врши својата работа, иако и досега работеше за доброто на образовниот процес, истакна Незири.

Против предлогот гласаше пратеникот од СДСМ Митре Велјановски: - Целта на плановите ќе биде норма. Битката ќе биде секој инспектор да постигне што поголема норма за да не биде казнет или избркан од работа. Инспекторите и досега се однесуваа како џелати, а со овие измени уште повеќе, зашто во прашање ќе биде нивната кожа или кожата на директорот. Наместо децентрализација, правите сурова централизација, рече Велјановски. Тој смета и дека  просветниот инспектор ќе нема автономност сам да го направи планот за работата, зашто него ќе може да го дополни директорот зашто и тој ќе подлежи на Инспекцискиот совет.

 

16.10.2013 - 13:23