СДСМ: Провидни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да креира криза во Карпош

Тажен ден беше вчера за Општина Карпош. Во период кога транспарентноста на процесот за носење на ДУП – от ЈОЗ Блок 7, за потегот околу Трнодол, во ниту еден момент не беше доведена во прашање се случи насилство, агресија и вандализам, што е за секаква осуда. Ова денеска го велат СДСМ.

- Група на граѓани предводени од блиски луѓе – соработници на ВМРО - ДПМНЕ, како и лица инволивирани во скандал поврзан со финансирањето на кампањата на оваа партија свесно сакаат да не вратат во 2013 година, во периодот кога режимот на Груевски и ВМРО – ДПМНЕ организираа насилни протести во Општина Центар, тепаа советници и ја блокираа работата на локалната самоуправа. Нападот врз службено лице на Општина Карпош, оштетата на имотот во УЗ „Кузман Јосифовски Питу“ се само потврда на насилството и свесното блокирање на работата на Општината. Дека вчерашниот инцидент не е случаен говори и фактот што засилено се пласираа лажни вести од страна на медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Бесрамно се јави и коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ и главен креатор на насилната и непланска урбанизација во Карпош, Стевчо Јакимовски. За потсетување, тогашниот градоначалник, а денеска обвинет Јакимовски, носеше ДУП-ови за време на празници, а за јавни презентации воопшто не стануваше збор, велат тие.

Додаваат дека вчеравечер, блиски луѓе до ВМРО – ДПМНЕ имаа задача да направат хаос и да спречат одржување на Јавна презентација. Привремено успеаја и злоупотребија и други, совесни и чесни граѓани од Трнодол.

- Факт е дека транспарентноста на процесот не беше загрозена. Напротив. Јавната презентација беше закажана по завршување на работното време, а јавната анкета трае од 08:00 до 18:00 часот, 11 работни денови, до 27 декември 2019 година. Градоначалникот Стефан Богоев имаше и средба со засегнатите граѓани, на која се постигна согласност за сите клучни барања, истите се имплементираа во новиот Предлог ДУП, а претставниците на граѓани се потпишаа на записникот од средбата. Очигледна е намерата свесно да се креира криза во ситуација кога сите страни се согласни! ВМРО – ДПМНЕ најсигурно се чувствува во криза, во тепачки и сценарија за блокади но  граѓаните тоа нема да го дозволат. Режим, никогаш повеќе! Совесните и разумни граѓани знаат, на кога му одговараше вчера да не се одржи јавна презентација и да не се дозане вистината? Локалната самоуправа предводена од СДСМ и од градоначалникот Богоев ќе продолжат со отворениот процес, постојаната комуникација со сите страни, граѓани и медиуми, додаваат СДСМ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.12.2019 - 14:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега