Марјан Николовски: Протестниот бал на бламот

Не знам, но така сум слушнал. “Само првиот милион бил нелегален… сите други биле легални”… Се разбира ако не те фатат…

И што беше поентата на денешниот протест пред основниот суд во Скопје? Охрабрување на судската власт да суди правично! Да не подлегнува на притисоци! Да и каже НЕ на власта! Така на Бихаќка го разбираат протестирањето. По таа логика, штом опозицијата сакала да ја “охрабри” и “поддржи судската власт”, а истражен судија му одреди мерка притвор на Зоран Шиповиќ, тоа значи дека СДСМ денеска застана во одбрана на одлуката за притвор на Шиповиќ. Така некако ислегува, бидејќи протестирање против судска одлука, не е поддршка, туку притисок врз судската власт. Ама бидејќи на судот му се јасни ваквите “охрабрувања” и да не се повтори познатото “диктатурата на дело” и демонстрирање политичка жртва, одлучи да распише меѓународна потерница за Шиповиќ и да го промени начинот на неговото “херојско” враќање во татковината. Австриската полиција ја заврши работата. Го уапси на аеродромот во Виена. И сега?

Да бидам искрен очекував, а и така треба да биде нели, штом се работи за партиски реваншизам, опозиционерите да сменат тактиката. И наместо пред судот, да се постројат пред австриската мабасада во Скопје, а оние поупорните со десет чартер летови веднаш да заминат за Виена и координирано пред палатата на правдата таму и овде пред дипломатското претставништво, да протестираат против “солидарноста и учеството на Австрија во политичкиот прогон на неистомислениците на власта во Македонија”. Јас очекував протестна нота да “збрчи” Шекеринска, а во неа во најмала рака да бара оставка од австрискиот министер за внатрешни, кој се дрзнал да го поддржува “фашистичкиот режим во Македонија”. Па да летаат писма до Брисел, па вонредни седници на Европскиот Парламент, па итно повлекување на извештајот на Европската Комисија за Македонија, со цел амандманско интервенирање со заклучок, “неекстрадиција на Шиповиќ” и така со ред. Но ништо од тоа.

Никогаш не успеав да разберам зошто само апсењата и кривичните за членови или блиски до опозицијата се политички прогон? Веројатно затоа што тие по дифолт не можат да влезат во прекршување на законите. Или пак за СДСМ, потребата од правичност и правда завршува кај своите? Другите или се арамии, или пак за нив и нетреба правда? И Паско Кузман вели дека е невин, и Горан Стојков исто така и ред други блиски на власта, се на суд и во притвор, а и оние сметаат дека се жртви, ама за нив никој не протестира. За нив, нека мој да го “охрабри” судството. Тоа е таа нишка, или ситница, што денешниот протест го први партиско-политички притисок врз институциите. Ако не беше тоа само за своите, тогаш барем во говорот на “големиот лидер”, ќе се најдеа и Кузман и Стојков и редица други.

Но, ете денешниот протест пред судот се претвори само во еден блам и тоа во функција на продолжување на поразителната политика на опозицијата. Толку беше јасен бламот, што ми изгледаше како да му е срам на Заев што морал да се појави на тој протест. Но ризикот е голем. Да! Голем! Протест ќе имаше и без наго, затоа што одлуката не ја носело раководството, туку се уште влијателните екс функционери, ама се уште огромно мнозинство во пратеничката група. Некои непотврдени информации велат дека овој протест бил тест за однесувањето на Заев. Или дворска игра, како сакате дефинирајте ја, од која зависело темпото со кое пратеничката група ќе му откаже комплетна послушност.

Не знам, но така сум слушнал. “Само првиот милион бил нелегален… сите други биле легални”… Се разбира ако не те фатат…

Марјан Николовски – Новинар за Денешен

15.10.2013 - 22:57

најчитано сега