Македонија го одбележа Светскиот ден на белиот стап

 

Со дефиле од плоштадот „Македонија“ до Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“, промоција на книгата „Мојот живот без вид“ од Димитар Дерменџиевски и изложба на тифло-технички помагала и ракотворби од слепи лица, денеска беше одбележан Светскиот ден на Белиот стап - 15 Октомври.

Претседателот на Националниот сојуз Жарко Селковски истакна кои се најголемите проблеми кои ги мачат слепите лица. според него тоа е читањето кое може да се надмине со современи технолошки помагала. За пишувањето и читањето, додаде, се прават напори заедно со Владата преку Министерството за информатика и јавна администрација да се изработи  говорна синтеза на македонски јазик.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека Владата и Министерството со кое раководи и натаму ќе остане посветено на овозможувањето рамноправност на слепите лица, а досега за таа цел се воведени посебниот додаток кој изнесува 7.000 денари, а во моментов го користат 1.080 лица, паричната помош за нега и помош од трето лице, како и мерките за бесплатен превоз, бесплатно присуство на придружник за време на здравствено лекување.  Тој го спомена и зголемувањето на паричниот надомест за самохрани родители на деца со пречки во развојот за 50 проценти, кој ќе започне да се исплаќа од 2014 година, потоа помошта од Министерството за здравство кое обезбеди звучни апарати за мерење на притисокот, како што рече, МТСП наскоро ќе им обезбеди и и посебни часовници за слепи лица. Како дополнителна помош ќе биде и најавата за вработување на 300 лица со инвалидност во државните институции меѓу кои, како што истакна, ќе има и слепи и слабовидни лица.

- Би сакал да упатам повик до приватните компании да дадат поддршка на оваа категорија граѓани бидејќи сите заедно треба да преземеме активности за континуирано да се унапредува положбата на слепите лица во Македонија, рече Спасов.

Во холот на „Даре Џамбаз“ беше отворена изложба на тифло-технички помагала и ракотворби од слепи лица.

 

15.10.2013 - 13:51
Фото: 
Новатв.мк

најчитано сега