Џафери: Македонија континуирано се залага за справување со кризи од невоена природа
Министерот за одбрана Талат Џафери на отварањето на Конференцијата и семинарот за научени лекции од операциите и вежбите организирани од Европатланскиот координативен центар за одговор во кризи на НАТО, изјави дека Македонија во континуитет се залага за координација и развој на капацитети и способности за справување со кризи од невоена природа.
Министерот Џафери денеска на конференцијата истакна дека Македонија како кандидат за членство во НАТО и ЕУ, континуирано придонесува во операциите предводени од НАТО и ги поддржува сите операции координирани од Алијансата.
- Денес, справувањето со кризите од невоена природа не може да се спроведе без помошта од Меѓународните институции и организации, како што е Евроатланскиот координативен центар за одговор во кризи на НАТО. Теренските вежби и обуката, која ја сповдува Евроатланскиот координативен центар за одговор во кризи на НАТО поврзани со обуката, се драгоцен ресурс за да се согледаат позитивните страни, но и слабостите на системот за управување со кризи во секоја држава, која партиципира во активностите на Евроатланскиот координативен центар за одговор во кризи на НАТО, а со тоа да се овозможи негово подобрување и надградба, рече министерот Џафери.
Помошник генералниот секретар за операции на НАТО, амбасадорот Стивен Еванс истакна дека досегашното искуство на Алијансата говори дека за справување со предизвиците е потребно друштво: - Евроатласнкиот координативен центар за справување со катастрофи има задача да координира и одговара на природни и други катастрофи предизвикани од човекот и секогаш го прави тоа во соработка со НАТО сојузниците и со мрежата меѓународни организации, со кои има воспоставено добра соработка, подвлече Еванс.
Инаку, Конференцијата ќе трае во наредните два дена, а целта е да се споделат досегашните искуства, научените лекции, истражувањата и согледувањата на новопојавените предизвици во справувањето со кризите од невоена природа, техничко-технолошките катастрофи и од човекот предизвикани несреќи.