Милошоски: Изјавата „да не бев претседател и јас ќе си заминев од Македонија” е порака на обесхрабрување кон граѓаните

Претседателот Пендаровски вчера ја даде најлошата изјава што било кој претседател на Македонија досега ја дал. Изјавата “да не бев претседател и јас ќе си заминев од Македонија” е порака на обесхрабрување кон граѓаните и е деморализирачка за секој студент, стопанственик, лекар, за секој градежен работник, земјоделец, но и за секој државен службеник, војник и полицаец во државава – напиша на својот Фејсбук, Антонио Милошоски.

Понатаму во својот статус, тој вели:

„Првиот човек во државата, и во лесни и во тешки времиња, е должен да ја охрабрува, да ја бодри, да ја поттикнува и да биде мотив за нацијата, а не да биде нејзиниот малодушен претседател кој сеуште седи на престолот само затоа што има повисока плата од плебсот кој го гласал и бројни службени повластици.

Замислете колку обесхрабрувачки ќе звучеше доколку во 1994та година претседателот Глигоров, за време на едностраното ембарго од Грција, кога народот чекаше во редици за 5 литри бензин и основни лекарства, изјавеше “да не бев претседател ќе си заминев од Македонија, наместо да ги трпам економските штети од ембаргото”?!

Замислете во 2001 година, кога гинеа војници, полицајци и цивили, претседателот Трајковски да и порачаше на нацијата “да не бев претседател немаше да се борам за мир унитарност, туку ќе се преселев во странство”?!
Или во 2008ма после нелегалното вето на Грција за нашето членство во НАТО, Црвенковски да изјавеше “ќе емигрирав надвор од Македонија да не бев претседател со повисока плата и сигурност од граѓаните”!?

И пробајте само да замислите колку режирани протести, запалени канцеларии и нагрдени државни институции ќе имаше доколку за време на мигрантската криза во 2015та, кога бран од стотици илјади бегалци беа на товар на малата Македонија, претседателот Иванов изјавеше “да не бев претседател со добра плата и обезбедување немаше да го носам овој товар на грб, туку ќе си заминев од државата”?!

Но, секој досегашен претседател на Македонија, на свој начин се носел со предизвиците на своето време и упатувал пораки на охрабрување и мотивација кон нацијата. Затоа дефетистичката изјава на Пендаровски како претседател не е само погрешна изјава на еден политичар, туку и многу деморализирачка порака на првиот државник кон своите државјани“, напиша Милошоски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.11.2019 - 10:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега