Македонска собраниска делегација на Есенското заседание на Парламентарното собрание на ОБСЕ

 

Делегација на Собранието на Република Македонија  денеска беше дел од Есенското заседание на Парламентарното собрание на ОБСЕ во Будва.

Во рамки на македонската  делегација се пратеничката Ана Павловска Данева, шеф на делегацијата, и пратениците Владимир Ѓорчев и Беким Фазлиу. На Есенското заседание, на кое учествуваат повеќе од 200 пратеници од 50 земји- учеснички во ОБСЕ и четири земји медитерански партнери се одржа седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ и Медитерански форум на тема „Медитеранот - унија на цивилизации“, а во тек е парламентарна конференција на тема „Решавање на транснационалните закани и заштита на човековите права: улогата на ОБСЕ“.

Учесниците во дебатата ги поздравија усвојувањето на Резолуцијата 2118 на Советот за безбедност на ООН и одлуката за уништување на хемиското оружје во Сирија и оценија дека одговорот на кризата во Сирија претставува неуспех на меѓународниот систем.

На отворањето на Парламентарната конференција „Решавање на транснационалните закани и заштита на човековите права: улогата на ОБСЕ“ се обратија претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Ранко Кривокапиќ и премиерот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.

Премиерот  Ѓукановиќ оцени дека Црна Гора, како земја со етничка, културна и религиозна разновидност, претставува пример за мултиетнички дијалог. Осврнувајќи се на инклузивниот карактер на ОБСЕ и на неговиот сеопфатен пристап кон безбедноста, црногорскиот премиер се задржа на значењето на процесот „Хелсинки +40“, чија цел е ревитализирање на улогата и визијата на ОБСЕ, преку реформа на организацијата, продлабочување на компаративните вредности и зацврстување на меѓусебната доверба.

Инаку, на Парламентарното собрание на ОБСЕ учествуваа повеќе од 200 пратеници од 50 земји членки.

14.10.2013 - 15:55
Фото: 
скопјеинфо.мк

најчитано сега